ПО 12 ГОДИНИ ИЗГРАДБА: Завршија градежните работи на контроверзната телекомуникациска кула на Водно
И ден денеска не постои објаснување која беше причината за „насадувањето“ на огромниот објект на врвот „Крстовар“ на планината Водно во Скопје.
Помеѓу граѓанството се слушаа разни верзии од тоа дека во оваа џиновска кула ќе биде сместена опрема за прислушкување па се до тоа дека кулата впрочем е изградена во инат на оние кои го изградија добропознатиот „Милениумски крст“ кој со своите 66 метри е „малечок“ во однос на кулата и нејзините 155 метри.
Покрај девастирањето на планината сместувајќи на врвот огромна машинерија која долги години претставуваше лоша слика на Водно кое за скопјани пак претставува „бели дробови“ на градот, денеска наголемо се зборува за отворање на угостителски дел во кулата кој отвара дискусија за тоа дали таквиот чекор покрај „исплатливоста“ ќе доведе и до поголемо девастирање и загадување, особено ако се дозволи циркулација на моторни возила до телекомуникациската кула.
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Орце Симов, потврди дека сите градежни активности се комплетирани и дека во моментов се чека само на административното одобрение за нејзино официјално отворање.
„Сите градежни активности се завршени, остана уште постапката за добивање на употребна дозвола, објави Симов на социјалните мрежи, означувајќи го крајот на маратонскиот проект кој започна во далечната 2013 година.
Стратешки објект со панорамска атракција
Висока 155 метри, кулата е проектирана како примарен центар за мониторинг и контрола на радиофреквенциите на територијата на целата држава. Таа ќе овозможи супериорен надзор врз работата на телекомуникациските оператори, радиодифузерите и останатите комуникациски системи.
Покрај својата витална стратешка функција, објектот се очекува да стане и нова туристичка точка во Скопје. На самиот врв е предвиден панорамски ресторан кој ќе нуди уникатен поглед кон градот и околината. Веднаш по добивањето на употребната дозвола, АЕК планира да распише јавен повик за избор на професионален оператор кој ќе стопанисува со угостителскиот простор.