ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ: Антонио Кошта на средба со Мицкоски – меѓу реформите и уставните измени
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево пристигнува во официјална посета на Северна Македонија. Како дел од неговата турнеја низ Западен Балкан, Кошта ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што во 18:30 часот е предвидена заедничка прес-конференција во зградата на Владата.
Главни теми на разговорот се очекува да бидат напредокот на државата во Реформската агенда, регионалната безбедност, но и деблокадата на евроинтегративниот процес кој со месеци е во статус-кво позиција.
Власта бара гаранции, Брисел бара исполнување на обврските
Дипломатските очекувања се дека Кошта ќе ја реафирмира позицијата на ЕУ дека местото на земјата е во Унијата, но само под услов да се исполнат веќе преземените обврски, пред сè уставните измени. Од друга страна, владината коалиција останува на цврстиот став дека нема да има промена на Уставот без јасни и писмени гаранции за предвидливост на процесот.
„Нашите позиции се принципиелни. Со Кошта ќе разговараме за реформите, но и за спорот со Бугарија. Дијалогот ќе продолжи во рамки на веќе јасно објавените позиции на Владата – дека ни се потребни гаранции оти нема да се соочуваме со нови вета и нерационални блокади“, изјави шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
Филипче: Лажна е патриотската реторика за идентитетот
Опозициската СДСМ ја користи посетата на првиот човек на Европскиот совет за да го зголеми притисокот врз Владата. Лидерот на партијата, Венко Филипче, обвини дека власта свесно манипулира со стравовите на граѓаните.
„Уставните измени не носат никаков ризик по идентитетот и јазикот. Власта само ги заплашува граѓаните за да го прикрие фактот дека немаат план за подобрување на преговарачката позиција. Ова е момент што Македонија не смее да го пропушти, бидејќи проширувањето е стратешки интерес на ЕУ“, истакна Филипче.
Посетата на Антонио Кошта на Скопје се смета за клучен тест за тоа дали новата македонска влада и европската администрација можат да најдат заеднички јазик за продолжување на преговорите, или патот кон Брисел ќе остане закочен во билатерални спорови.