„Безбеден град“ регистрираше над 28.000 прекршоци за еден месец: Камерите „уловија“ стотици возачи на црвено светло

7

Системот за видео-надзор „Безбеден град“ во текот на месец мај регистрирал фрапантни 28.494 сообраќајни прекршоци на патиштата и коридорите во државата. Податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР) покажуваат дека возачите најмногу грешат кај брзината, но и кај почитувањето на светлосната сигнализација.

Од вкупниот број прекршоци, дури 27.360 се за пречекорување на дозволената брзина, што го прави ова најчест престап на патиштата. Дополнително, камерите детектирале 833 возила со невалидна сообраќајна дозвола, додека 301 возач поминале на затворен сигнал – црвено светло.

Стотици возачки дозволи „одиграа“ на кратко

Како резултат на овие прекршоци, во текот на мај се изречени вкупно 781 мерка забрана за управување со возило. Статистиката за одземените дозволи е следна:

  • 295 казни за минување на црвено светло;
  • 486 казни за екстремно брзо возење.

Во делот на брзото возење, полицијата бележи загрижувачки податоци за „дивите“ возачи. Дури 347 возачи возеле со брзина над 80 км/ч во населено место, а 83 лица биле регистрирани со брзина поголема од 170 километри на час на патиштата надвор од населените места.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите. Со одговорно однесување, сите заедно придонесуваме за посигурни и побезбедни патишта“, порачуваат од МВР.

Системот „Безбеден град“ продолжува со 24-часовен мониторинг на критичните точки, а полицијата најавува дека сите прекршители ќе бидат соодветно санкционирани преку автоматскиот систем за доставување казни на домашна адреса.

Македонски