Топлотен бран ја покоси Велика Британија: 17 жртви по рекордните температури во мај
Екстремен топлотен бран, каков што не е забележан во историјата на мерењата за месец мај, ја зафати Велика Британија изминативе осум дена, оставајќи зад себе трагични последици. Според официјалните податоци, дури 17 лица ги загубија животите како директна или индиректна последица на невообичаено високите температури.
Смртни случаи се регистрирани низ повеќе региони во земјата, вклучувајќи ги Јужен и Западен Јоркшир, Корнвол, Хемпшир, Ворикшир, Чешир, Пембрукшир, Линколншир и Ланкашир. Повеќето од жртвите се поврзуваат со топлотни удари или инциденти при обидите на граѓаните да побараат разладување во морињата и езерата.
Паднаа историски рекорди
Метеоролошките служби потврдија дека 26 мај бил најтоплиот мајски ден во историјата на Англија и Велс. Во лондонскиот Кју Гарденс живата во термометарот се искачи до рекордни 35,1 степени Целзиусови, додека во Кардиф беа измерени 32,9 степени.
Вчерашниот ден донесе благ пад на температурите, при што највисоката вредност од 24,7 степени беше измерена во Ричмонд на Темза. Сепак, долготрајната изложеност на високи температури во период од годината кога организмот на луѓето сè уште не е адаптиран на летни услови, придонесе за црната статистика.
Најава за невреме
Британските метеоролози за денеска најавуваат нагла промена на времето. Топлотниот бран се очекува да заврши со силно невреме проследено со врнежи и значителен пад на температурите, што треба да донесе олеснување, но и нови предизвици поради можноста од локални поплави.
Здравствените власти апелираат на претпазливост, особено кај повозрасните лица и хроничните болни, додека температурите не се стабилизираат во вообичаените граници за овој период.