ОСВЕТЕН НОВИОТ КОНАК НА ЦРКВАТА „СВЕТА ПЕТКА“ ВО КАВАДАРЦИ: Објектот вклучува и параклис чиј ктитор е градоначалникот Јанчев
Со свечена литургија и чин на осветување, денеска беше пуштен во употреба новиот конак во рамките на црквата „Света Петка“ во Кавадарци. Светиот чин го изврши поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, во сослужение со митрополитот Повардарски г. Агатангел, митрополитот Струмички г. Наум и митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Новиот конак е изграден со инвестиција на Повардарската епархија, но и со бројни донации и прилози од верниците и жителите на градот Кавадарци.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека во рамките на овој мултифункционален црковен објект е изграден и параклис посветен на Свети Никола, на кој тој се јавува како ктитор.
„Покрај параклисот, новоизградениот конак располага со модерна библиотека, административни канцеларии, приемни простории за верниците, како и пространа трпезарија со кујна и други помошни простории наменети за потребите на храмот и епархијата“, истакна Јанчев во својата објава на социјалните мрежи.
Овој нов верски и административен центар се очекува значително да го збогати духовниот живот во Кавадарци и да понуди соодветни услови за престој и активности на свештенослужителите и православните верници од овој регион.