Германските гиганти во трка со воената индустрија: И „Мерцедес“ ќе произведува оружје за потребите на НАТО

4

По стапките на „Фолксваген“, и автомобилскиот гигант „Мерцедес-Бенц“ најави дека размислува за влез во секторот на воената индустрија. Како причина за ваквиот стратешки пресврт се наведуваат зголемената геополитичка нестабилност во светот и потребата на Европа да го зајакне својот одбранбен профил.

Извршниот директор на „Мерцедес-Бенц“, Ола Келениус, во интервју за „Волстрит журнал“ истакна дека компанијата е подготвена да одигра позитивна улога во военото засилување на континентот.

„Светот стана понепредвидлив. Нашата индустрија е позната по производство на висококвалитетни прецизни машини, што не прави соодветен партнер за производство на воена опрема“, изјави Келениус.

Од возила за НАТО до софистицирано оружје

Иако производството на автомобили ќе остане примарен фокус на компанијата, Келениус верува дека воената индустрија е „растечка ниша“ која може значително да го подобри деловниот резултат. Тој потсети дека „Мерцедес“ веќе е активен во безбедносните структури, посочувајќи дека многу варијанти на нивната позната „G-класа“ се користат како воени возила низ целиот свет.

„Фолксваген“ и „Железната купола“

Овој тренд не го следи само „Мерцедес“. Претходно и „Фолксваген“ најави влез во воениот сектор. Според германските медиуми, ситуацијата оди дотаму што фабриката на „Фолксваген“ за каросерии во Оснабрик би можела да биде преземена од израелскиот концерн „Рафаел“. Таму би се произведувале компоненти за познатиот противракетен систем „Железна купола“ (Iron Dome).

Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, потврди дека компанијата планира зголемен ангажман во производството на воени транспортери.

Кризата како катализатор за промени

Експертите сметаат дека преориентацијата кон наменската индустрија е резултат на длабоката криза во која се наоѓа германското производство на автомобили. По неколкугодишен пад на побарувачката, најавени отпуштања на илјадници работници и затворање на фабрики, воените договори се гледаат како спасоносен излез за зачувување на работните места и индустриската моќ на Германија.

Македонски