Политичка криза во Карпош: ГРОМ бара итна оставка од Лукровски и нови градоначалнички избори
Советничката група на ГРОМ и нивната коалиција бараат итно свикување на вонредна седница на Советот на Општина Карпош, неотповиклива оставка од градоначалникот Сотир Лукровски и распишување на нови избори. Тие го обвинуваат актуелното раководство за институционална блокада и препуштање на општината во рацете на лица без изборен мандат.
На денешната прес-конференција, членот на Советот на Општина Карпош од редовите на ГРОМ, Добрила Андоновска, истакна дека нивната партија изминативе шест месеци дејствувала како конструктивен фактор. Таа направи паралела со претходниот мандат, посочувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои ја блокирале општината, ГРОМ не го опструирал Лукровски и давал поддршка за сите одлуки кои биле во интерес на граѓаните на Карпош. Сепак, според неа, проблемот лежи во неснаоѓањето на самиот градоначалник.
„Господинот Лукровски уште во првиот месец почна да се жали дека му е тешко и дека процедурите се сложени. Како резултат на тоа, престана да прима граѓани, не соработуваше со администрацијата и не се потруди да научи како функционира една локална самоуправа. Со таков однос, општина не се води“, изјави Андоновска.
Од ГРОМ тврдат дека е „јавна тајна“ оти Лукровски досега веќе двапати се обидел да поднесе оставка, што според нив е доказ дека тој практично дигнал раце од функцијата. Андоновска обвини дека политичките фактори кои го поставиле сега се обидуваат да го задржат во фотелјата преку компромисно решение – користење на боледување. За ГРОМ, ова не е решение на проблемот, туку купување време кое ја турка Општина Карпош во несигурност и застој.
Дополнителен револт кај советниците предизвикал фактот што со општината во моментов фактички раководи друго лице.
„Денеска лицето Неделчо држеше колегиуми во Општина Карпош. Тоа е доказ дека тој не се однесува само како лице со техничко овластување за потпис, туку како фактички градоначалник. Карпошани не гласале за Неделчо. Овластувањето за потпис не заменува мандат добиен од народот“, децидна е Андоновска.
Поради ваквата институционална импровизација, ГРОМ бара итна вонредна седница на која транспарентно ќе се расправа за статусот на градоначалникот и за овластувањата дадени на трети лица.
„Граѓаните мора да ја знаат вистината, а општината мора да работи. Доколку Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. По оставката следуваат избори. Решението е јасно: оставка и избори за нов градоначалник на Карпош“, заклучи Андоновска.