Ел Чека: Од прозападен националист до проирански и проруски инфлуенсер
Шеќерим Ахмеди (Ел Чека) е инфлуенсер или т.н. „свиркач“ од етнички албанската дијаспора од С. Македонија, кој ги поддржуваше осудените од случајот „Диво насеље“ и беше осуден на условна казна затвор (подоцна обжалена и укината) за објавување на прислушувани разговори меѓу функционери на ДУИ, кои ги обвинува за корупција и предавство на Албанците (слично како што т.н. ОНА беше обвинувана од т.н. АНА). Тој беше суден во отсуство, затоа што живее во Чикаго и беше недостапен за нашите власти. Во 2019 г. тој објави:
Бог да ги благослови Албанија и Америка!
Но, на фејсбук-профилот на Ел Чека сега има промена – благословите за САД се заменети со клетви. Тука ќе анализираме објави на Ел Чека од поблиското минато, па да започнеме со следново:
Америка има многу среќа: Каде и да носи „слобода“ – таа наоѓа нафта.
На Косово нема нафта, па, сепак, САД сторија многу за неговото осамостојување, но Ел Чека вели:
Америка е врзана како куче за синџирот на ционистите, кои командуваат и во самата Америка.
Ционистите биле поборници за создавање на државата Израел, а Ел Чека шири антисемитска теорија на заговор дека тие ја окупирале власта во САД (англ. Zionist Occupied Government или ZOG) и погрдно ги ословува Евреите со „чифути“ и „свињи“. Во друга објава се вели:
О, верници, не земајте ги за пријатели евреите и христијаните! Тие се пријатели едни на други! А ако кој било од вас ги земе за пријатели, тогаш и тој е еден од нив.
Ова е од 51-от ајет (стих) од 5-тата сура (глава) на Куранот, а Ел Чека го користел албанскиот превод, кој вели „пријатели“, додека други велат „сојузници“ или „заштитници“. Некои сметаат дека стихов е изваден од контекст и дека се однесува на верските војни од 7 век или сл. Ел Чека, покрај ова, не ја поштедува дури ни Мајка Тереза:
Мајка Тереза, која продавала деца, „Пелазгите“ ја држат на ѕидовите на своите домови, а нивните сопствени мајки ги пратиле во домови за старци и по сето тоа очекуваат аир.
Обожаватели на педофили, бацувачи на г***ви на криминалци, колку расипани луѓе.
Да сакала таа да ја викаат МАЈКА, Тереза ќе имаше деца, а жена, која не го знае и не го сака чувството да се биде мајка треба да се држи подалеку од деца.
Остајте ги тие „филмови“ за „светци“ на бизнис центарот Ватикан.
Таа отворала домови за згрижување во Индија, а само во еден имало апсење на две вработени жени за продавање бебиња на бездетни парови, што се случило во 2018 г., кога таа била почината.
Зборот „Пелазги“ тука е искористен како шеговит синоним за Албанци, заради тврдењето дека потекнуваат од древните Пелазги, кое не е потврдено – како што велат и албанските научници.
Ел Чека се расфрла со обвинувања за педофилија и кај што треба и кај што не треба, што е тренд кај иранските пропагандисти по аферата на Џефри Епстин, па вели:
Претседателот на Иран не е само претседател, туку по професија е кардиохирург, па така и претседателот на Америка не е само претседател, туку по професија е педофил!
Светот е воден од педофили и канибали, кои се хранат со крвта на децата!
Силувачи на малолетни девојчиња бараат права за иранските жени да не носат шамии!
Иронично, токму во Иран има легална педофилија. Неговиот лидер Рухола Хомеини вовел закон, според кој минимална возраст за брак за женско лице била само 9 лунарни години, што е сега качено на 13 години, а со дозвола од суд и од таткото на невестата, можна е и пониска возраст.
Стратешки партнер на Иран е Русија, која, исто како и тој, не го признава Косово, но, изненадувачки, Ел Чека ја фали:
Русија и Русите се единствените, кои не се под влијание на странска пропаганда и кои и натаму ја бранат својата земја од светските грабливци, иако цел свет е против неа.
Русија е озлогласена по својата сопствена пропаганда, а нејзините војници не се борат за својата земја, туку за заграбување на туѓа – Украина, за која Ел Чека вели:
Украина се предаде, иако многу западни земји ја помагаа со оружје, трупи и други средства!
Војната во Украина не е завршена, таа не потпиша капитулација, а Русија не ги постигна зацртаните цели: денацификација (соборување и лустрација на власта во Киев, која лажно ја опишува како „нацистичка“) и демилитаризација (Украина е помилитаризирана од било кога).
Иран ја поддржува руската агресија врз Украина со оружје, а таа, пак, ѝ помага на С. Арабија и други околни земји да се бранат од иранските ракетирања, кои Ел Чека уште одамна ги предлагал:
Не би било лошо Обединетите Емирати, Саудиска Арабија, Јордан и Египет да „изедат“ ракети. Тие се главната причина зошто палестинските деца умираат.
И други ги обвинуваат тие земји за индиферентност кон Палестина или затоа што некои од нив порано се ширеле на нејзина сметка, како и за нивната денешна попустливост кон Израел. Но, тоа не е така просто. Јордан и Египет војувале против Израел, при што дале жртви и губеле територии, па не е дека биле пасивни. Но, на крај тие склучиле мир со него, што за Иранците е предавство. Тоа се главно сунитски земји, а Иран е шиитски, па тука има тензии, во врска со кои Ел Чека вели:
Светата џамија Ал-Акса е затворена, а трпезите на „сунитите“ се полни со баклави, од кои шербет им тече низ брадите.
Ајде чифутчиња, Бајрам, Бајрам!
Ерусалимската џамија Ал-Акса е подигната на местото на кое бил еврејскиот Соломонов храм, што создава тензии, а за тоа придонесе и нејзиното привремено затворање од безбедносни причини.
Тука има теорија на заговор дека Израелците ќе ја разурнат џамијата за да го реизградат храмот, но наместо сунитите нешто да преземат, тие слават Курбан Бајрам – како што вели Ел Чека. Тој дури не сака да ги нарече со светото име сунити и смета дека само шиитскиот Иран е навистина исламски:
Не знам ни една држава освен Иран, која се нарекува Исламска Република, па јасно е зошто сите „стрели“ се насочени кон неа, дури и оние на саудискo-чифутските наследници и нивните чифутско-ционистички пријатели!
Во реалноста, придавката Исламска Република ја имаат и Пакистан и Мавританија, а Ел Чека тука шири теорија на заговор дека саудиското кралско семејство „потекнува од Евреи“ , па додава:
Нема позлобни и повалкани луѓе од Саудијците
Од критиката за Арапите-сунити, Ел Чека го иззема ирачкиот диктатор Садам Хусеин, кој му се допаѓа зашто се борел против САД, но, иронично, тој водел 8-годишна војна против Иранците, а бил и многу посекуларен од нив. Исклучок од таа критика за сунитите Ел Чека прави и за Турците:
Не заборавајте дека само во времето на Османлиите албанските територии биле обединети, само тогаш немало граници меѓу четирите вилаети, па Албанците немале граници меѓу нивните територии.
Тие кои ги поделија тие територии, ја променија историјата на истите, па сега се бавите со прикаските на Европа, која ве подели.
Тие вилаети населени со Албанци (но не само со нив) биле: Скадарскиот, Косовскиот, Битолскиот и Јанинскиот, кои по разните мировни конференции биле разделени меѓу повеќе држави на Балканот, но сите негови народи биле делени, губеле територии и сл.
Многумина во Грција ламентираат по Северен Епир (сега Јужна Албанија), Мала Азија (сега Турција) и Кипар (сега одделна држава); Србите, пак, по своите цркви и манастири на Косово; а вечна тема кај нас е поделбата на Македонија; но според Ел Чека „само Албанците се онеправдани“:
Овие западни политичари, кои сега бараат права за косовските Срби, иако тие не се ни 3 отсто од тамошното население, зошто не реагираа вака за Албанците во Македонија, кои се над 50 отсто?
Според пописот од 2021 г., Албанците во С. Македонија не се над 50 отсто, а Западот бара од Косово да си го почитува својот мултиетнички устав и своите граѓани-Срби, за кои согласно Бриселскиот договор мора да формира Заедница на српски општини. Но, Приштина не го исполни тој договор, а создава и тензии во Северно Косово, па ЕУ и САД ја казнуваат со извесни санкции.
Албанците порано беа мета на српскиот шовинизам, но косовските Срби потоа беа мета на албанскиот, особено за време на Мартовскиот погром од 2004 г., па затоа многу од нив си заминаа.
Времето кога Косово беше гледано само како жртва е минато, неговиот прв премиер Хашим Тачи сега е суден за воени злосторства, па време е да се созрее и да се исполнат обврските, а не само да се бараат права. Но, зрелост кај Ел Чека нема, за што сведочи неговата следна објава:
Македонија не е држава и не е голема ни колку еден град. Нејзините лидери, било каурите, било „Пелазгите“, кои бацуваат каурски г**ови, треба да знаат дека забранувањето на еден јазик би било штетно за нив и нивните наследници.
Овие луѓе мора да се убијат по ред, еден по еден, тие мора да се убијат, затоа што нема друго чаре. За секој оној, кој бил вклучен во политиката од 2001 г. наваму, само куршум в чело може да го оправи.
По овие смртни закани, Ел Чека реди пцости, кои ќе ги изоставиме, а никој не планира да го забрани албанскиот јазик (на кого тука се мисли), туку неговата употреба е прилично унапредена, што некои сметаат дека тоа ги надминало уставните рамки, па од Уставниот суд бараат тоа да го преиспита.
Албанците со тоа не се согласуваат и се загрижени да не загубат некои придобивки, но забрана за нивниот јазик никој не споменува. Тие сега протестираат за правосуден испит на албански и го толкуваат постојниот Закон во своја полза, а други сметаат дека тоа е барање за нешто ново.
Венецијанската комисија дава препораки како тоа да се реши, но и нив секој си ги толкува по свое. Компетентните органи тоа ќе го расправаат и решаваат, а ова не е отидено дотаму некој некого да убива.
Кај Ел Чека се изнагледавме манипулации, дезинформации, теории на заговор, говор на омраза, па дури и смртни закани, а слична појава кај етничките Македонци беше Љупчо Палевски-Палчо. Иронично, иако припаѓаат на спротивставени етнички табори, Ел Чека и Палевски сега се на истата антизападна страна.
Пишува: Вангел Башевски