Турбулентно лето за европската авијација: Три сценарија за кризата со гориво и цените на билетите

14

Европските авиокомпании и патници се подготвуваат за хаотична летна сезона. Дури и војната на Блискиот Исток да заврши веднаш, последиците од прекините во снабдувањето со гориво преку Ормуската Теснина ќе продолжат да вршат притисок врз цените на билетите и достапноста на летовите.

Европската унија произведува само 70 отсто од потребното авионско гориво, што ја прави критично зависна од увозот од земјите од Заливот. Секое подолготрајно блокирање на танкерите низ клучните поморски патишта може да доведе до сериозен недостиг на аеродромите.

Анализата на „Политико“ предвидува три можни сценарија за развој на ситуацијата во наредните месеци.

Сценарио 1: Брз крај на конфликтот – Високи цени, стабилна понуда

Доколку војната заврши набрзо и Ормуската Теснина се отвори, кризата нема да исчезне преку ноќ. На танкерите им е потребен повеќе од еден месец за да стигнат до Европа, што значи дека пазарот ќе остане „плиток“ во текот на целото лето.

Вили Волш, генерален директор на ИАТА, предупредува дека ќе бидат потребни месеци за нормализирање на снабдувањето. Во ова најоптимистичко сценарио, патниците ќе бидат поштедени од масовни откажувања на летови, но ќе мора да се соочат со значително поскапи авионски билети поради високите трошоци за енергенси.

Сценарио 2: Делумно отворање – Редукција на линии и „рационирање“

Ова е најверојатниот исход според експертите. Состојбата би била нестабилна, со повремени прекини во транспортот. Во ваков случај, авиокомпаниите ќе бидат принудени да ги откажуваат помалку профитабилните регионални линии и летовите за одмор на долги дестинации.

„Луфтханза“ веќе најави укинување на 20.000 летови за да заштеди гориво, а авиопревозниците како „Ер Франс-КЛМ“ предупредуваат дека секој трошок ќе биде префрлен на потрошувачите за да се избегне банкрот. Шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупредува дека до почетокот на јуни Европа може да се соочи со физички недостиг на гориво на аеродромите.

Сценарио 3: Продолжена војна – Рационирање и колапс на нискобуџетниот модел

Доколку поморските патишта останат блокирани во текот на целото лето, Европа ќе мора да премине кон „целосно рационирање на побарувачката“. Ова би значело дека државите ќе мора да ги користат своите итни стратешки резерви.

Најголем удар би претрпеле нискобуџетните превозници („low-cost“), чиј бизнис модел зависи од евтини билети и максимална искористеност на авионите. При ваков шок, нивниот модел станува неодржлив. Покрај авиокомпаниите, во криза ќе влезе и контролата на летање поради драстично намалените приходи од помал број реализирани летови.

Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Цицикостас, веќе потврди дека се подготвуваат планови за итни состојби, вклучително и споделување на резервите на гориво меѓу земјите-членки за да се спречи целосен колапс на воздушниот сообраќај.

Македонски