ПОЛЕСНО ДО ГРЧКИОТ БРЕГ: Грција ќе ги олеснува биометриските контроли за туристите во екот на сезоната

8

Летните одмори во Грција оваа година би можеле да поминат без долготрајните застои на границите што ги најавуваше новиот европски ЕЕС (Entry/Exit) систем. Грчките власти разгледуваат можност за привремено суспендирање на биометриските проверки во текот на јули и август, со цел да се забрза протокот на возила и патници во најкритичните месеци.

Директорот на српската Национална асоцијација на туристички агенции (ЈУТА), Александар Сениќиќ, информираше дека Грција планира да го примени моделот кој веќе успешно се користи за британските туристи. Овој пристап предвидува биометриските контроли (земање отпечатоци и фотографирање) да се сведат на минимум или целосно да се прескокнат во деновите кога притисокот на граничните премини е највисок.

Во пракса, при голема фреквенција на патници, граничните службеници ќе вршат само стандардна проверка на патните исправи, исто како и изминатите години. Ваквата флексибилност е предвидена во самиот ЕЕС систем, кој им дозволува на државите самостојно да одлучуваат за интензитетот на процедурите доколку постои ризик од создавање колони и хаос на границите.

И македонските туристи бараат ист третман

Оваа најава за олеснување на процедурите за српските туристи ја мобилизираше и македонската бизнис заедница. Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) утринава испрати официјален допис до грчкото Министерство за туризам.

Во дописот, македонската страна бара нашите туристи исто така да бидат изземени од задолжителните биометриски контроли за време на летниот шпиц. Целта е да се избегнат километарските редици на преминот Богородица – Евзони, кој е една од најфреквентните точки за влез во Грција.

Пораката од туристичките работници до граѓаните е дека нема место за паника или откажување на аранжманите. Се очекува Грција, како земја чија економија силно зависи од туризмот, да покаже максимална попустливост и брзо да ги активира механизмите за побрз проток на сите гранични премини.

Македонски