СОБРАНИЕТО ИЗГЛАСА: Техничката влада оди во историјата, се менува Законот за Влада

8

Со 67 гласа „за“ и 13 „против“, Собранието ја утврди потребата за донесување на измените на Законот за Владата по скратена постапка. Со оваа одлука, државата е на чекор до трајно укинување на т.н. „пржински модел“ на преодна влада, кој со години се применуваше пред одржување на парламентарните избори.

Законското решение денеска успешно ја мина првата и клучна фаза од собраниската процедура. Предложените измени предвидуваат целосно елиминирање на моделот на техничка влада, кој беше воспоставен како механизам за организирање на изборните процеси по политичката криза во 2015 година.

Според образложението на Владата како предлагач, целта е да се обезбеди поголема институционална стабилност и правна сигурност. Власта смета дека досегашните ад-хок политички договори го оптоварувале функционирањето на државата и дека институциите мора да ја преземат целата одговорност за организирање фер избори.

„Со овој предлог-закон се воспоставува јасна правна рамка која ќе гарантира фер и транспарентни избори, истовремено зајакнувајќи го демократскиот легитимитет на институциите. Целта е рационално и одговорно користење на јавните финансии и ставање крај на практиката на привремени политички решенија“, се наведува во владиното образложение.

Измените значат дека во иднина изборите ќе ги спроведува актуелниот владин состав, без учество на опозициски министри и дополнителни заменици-министри во клучните ресори како МВР и труд и социјала. Фокусот на новото решение е институционалното делување да се врати исклучиво во рамките на Уставот и законите, наместо врз основа на меѓупартиски договори.

По денешното гласање, предлогот оди на разгледување во матичните собраниски комисии, по што ќе се врати на финално гласање на пленарна седница.

Македонски