ПОСЛЕДНИ АНКЕТИ ВО БУГАРИЈА: Радев пред убедлива победа, но математиката за нова влада најавува политичка драма
Во пресрет на неделните предвремени парламентарни избори во Бугарија, анкетите предвидуваат убедлива победа за политичката формација на поранешниот претседател Румен Радев, „Прогресивна Бугарија“. Сепак, и покрај високото водство пред ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов, останува отворено прашањето дали земјата конечно ќе добие стабилна влада или политичката криза ќе резултира со уште еден изборен циклус наесен.
Во последните денови од изборната кампања, политичките партии во Бугарија прават максимални напори за мобилизација на гласачите. Истражувањата на јавното мислење се согласни во едно – Бугарија ќе добие парламент сочинет од најмалку пет партии, со јасно изразен победник кој ветува промена на досегашниот модел на управување.
Доминација на Радев во сите анкети
Податоците од четири релевантни агенции („Медија линкс“, „Мерка“, „Алфа рисрч“ и „Тренд“) покажуваат слична слика на политичкиот пејзаж. Коалицијата „Прогресивна Бугарија“ на Румен Радев ужива поддршка од околу 30 до 34 отсто од гласачите. Втора политичка сила е ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов со околу 18 до 19 проценти.
Третото место е резервирано за коалицијата ПП-ДБ со нешто над 11 отсто, а во парламентот сигурно влегуваат и ДПС на Делјан Пеевски (со околу 6-10%) и националистичката „Преродба“ (околу 4-7%). На самиот раб да го поминат изборниот праг од 4 проценти е коалицијата БСП – Обединета левица, од што директно ќе зависи конечниот број на партии во Народното собрание. Анкетите прогнозираат и релативно висока излезност од над 50, па дури и до 60 отсто.
Според проекциите на „Медија линкс“, со ваквите резултати Радев би освоил околу 109 пратенички мандати, Борисов 57, ПП-ДБ 37, ДПС 21, а „Преродба“ 16 пратеници. Ваквиот распоред значи дека на Радев ќе му биде потребен коалициски партнер за да формира просто мнозинство (121 пратеник), но ќе биде далеку од двотретинското мнозинство (161 пратеник) потребно за најавените реформи во судството.

Остра реторика и затворени врати за коалицирање
Дека формирањето влада нема да биде лесна задача покажуваат и последните изјави на партиските лидери. На завршниот митинг, Румен Радев порача дека очекува апсолутно мнозинство и одбива компромиси. Тој отворено изјави дека не гледа коалициски партнер ниту во ГЕРБ, ниту во ПП-ДБ, ниту во ДПС, изоставувајќи ја од критиките само „Преродба“.
Од друга страна, Асен Василев од ПП-ДБ ги искористи последните денови од кампањата да предупреди на опасноста од, како што рече, „нов Орбан во ЕУ“, директно алудирајќи на Радев. Василев порача дека овие избори се шанса да се расчисти со политиките на Борисов и Пеевски, но и да се задржи проевропскиот курс на земјата.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пак, децидно одбива да биде дежурен спасител на ситуацијата. Во интервју за БТВ, тој порача дека неговата партија става крај на политиката на компромиси.
„Направивме огромни компромиси во име на државата и стабилноста, но тоа е завршено. Отсега, или има јасни, прецизни и предвидливи одлуки, или едноставно нема да учествуваме во власта“, изјави Борисов, упатувајќи остри критики и кон ПП-ДБ и кон Радев.
По ваквата вжештена реторика и математиката од анкетите, сосема е легитимно прашањето: Имаат ли бугарските политичари капацитет за компромис и стабилна влада, или Бугарите наесен повторно ќе излезат на гласање, овојпат за двојни – парламентарни и претседатлски избори?