Жителите на Ново Лисиче бараат одложување на зонското паркирање и најавуваат протести

8

Жителите на Ново Лисиче остро реагираат на најавеното воведување зонско паркирање само во Реонски Центар од 1 април, барајќи паралелно воведување и во нивната населба – онака како што беше ветено пред изборите. Доколку барањата не бидат исполнети, најавуваат протести и блокади пред Општина Аеродром и Мост Близнаци.

Страв од прелевање на хаосот

Жителите на Ново Лисиче, кое се наоѓа од другата страна на булеварот „Видое Смилевски – Бато”, стравуваат дека воведувањето зонско паркирање само во Реонски Центар ќе го влоши веќе неподносливиот проблем со паркирањето во нивната населба.

Тие предупредуваат дека сите оние кои нема да можат бесплатно да се паркираат пред ТЦ „Лиса”, ПСС и маркетите „Кам”, „Жито” и „Стокомак”, ќе се преселат со своите возила пред нивните згради.

„Во Ново Лисиче не постои жител кој барем 15 минути не бара паркинг место за да дојде дома”, се наведува во реакцијата објавена преку Фејсбук групата „Ново Лисиче”.

Прекршено предизборно ветување

Граѓаните потсетуваат дека актуелните градоначалници на Општина Аеродром и Град Скопје пред изборите јасно ветиле дека зонското паркирање ќе се воведува исклучиво паралелно на двете локации – Реонски Центар и Ново Лисиче.

„Од изборите поминаа речиси 10 месеци, а во населбата не е спроведено ништо. Нема обележани паркинг места, нема поставени табли со информации, нема никакви подготовки”, стои во реакцијата.

Тогаш беше речено дека се чека сообраќајниот проект за имплементација на зоната во Ново Лисиче, но оттогаш, според жителите, не е преземен ниту еден конкретен чекор.

Барања до општината и Градот

Жителите на Ново Лисиче упатија конкретни барања:

  • Итно одложување на воведувањето зонско паркирање само во Реонски Центар
  • Паралелно воведување на двете локации, како што беше ветено
  • Веднаш да започне маркирање на паркинг места и обележување зони во Ново Лисиче
  • Итна вонредна седница на Советот на Општина Аеродром и Град Скопје, отворена за јавноста, со расправа за одложување на имплементацијата

Најава за протести и блокади

Доколку надлежните не излезат во пресрет на барањата, жителите најавуваат протести и блокади пред Општина Аеродром и Мост Близнаци, почнувајќи од денот на имплементацијата.

„Како граѓани на Ново Лисиче, нема да дозволиме сегашниот хаос да биде уште поголем”, порачуваат тие.

Македонски