Села најави нова политичка партија – „Албански сојуз” како продолжение на каузата на Алијансата
Поранешниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во интервју за весникот „Лајм” објави дека формирал нова политичка партија под името „Албански сојуз”, откако Основниот суд во Тетово одлучи партиските печати да му припаднат на крилото предводено од Арбен Таравари.
„Не мислиме дека решението е оставка и предавање”
Села во интервјуто нагласи дека луѓето кои се дел од неговата политичка групација имаат јасни идеали и дека ќе продолжат да градат силен политички субјект.
„Ние не мислиме дека решението е оставка и предавање. Не оставам на случајноста, јас сум ја создал таа нова политичка партија. Веќе е формирана и се вика Албански сојуз, има црвено-црни бои и нема да се откажеме од оваа работа”, изјави Села.
Тој додаде дека идејата на Алијанса за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение преку новоформираната партија.
Судска одлука во корист на Таравари
Најавата за формирање нова партија следи откако Основниот суд во Тетово на 18 март донесе одлука партиските печати на Алијанса за Албанците да му припаднат на крилото предводено од Арбен Таравари.
Од крилото на Села тогаш најавија дека ќе поднесат жалба до Апелацискиот суд против оваа одлука.