СДСМ утре одржува Централен одбор – Филипче ќе ја презентира новата партиска програма

15

Лидерот на СДСМ Венко Филипче најави дека на утрешната седница на Централниот одбор ќе биде презентирана предлог-програмата подготвена од стручни комисии, а процесот ќе биде заокружен со Конгрес на 7 јуни. Филипче остро го критикуваше премиерот Мицкоски дека ги избегнува суштинските прашања за економската криза.

Нова програма и Конгрес на 7 јуни

СДСМ утревечер ќе одржи седница на Централниот одбор на која, покрај редовните точки, лидерот Филипче ќе ја презентира предлог-програмата на партијата, подготвена од стручни комисии од различни области.

Членовите на Централниот одбор ќе работат на документот со цел граѓаните да знаат какви политики ќе предлага партијата во следниот период. Процесот ќе биде заокружен со Конгрес закажан за 7 јуни, кога програмата ќе биде официјално усвоена.

„Скопска иницијатива” со сестринските партии од регионот

Пред одржувањето на Конгресот, СДСМ ќе биде домаќин на меѓународен состанок наречен „Скопска иницијатива”, на кој ќе учествуваат сестрински партии од регионот. Целта е потпишување заедничка платформа за борба против авторитарни режими, корупција и забрзување на евроинтеграциите.

„Очигледно е дека сите се соочуваме со истиот предизвик”, рече Филипче.

Филипче: Мицкоски избегнува одговори за кризата

Лидерот на опозицијата остро го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека тој систематски ги избегнува суштинските прашања за економската криза и цените на горивата.

„Ние го прашуваме што ќе прави со кризата – тој зборува за Дубаи. Помош за граѓаните – тој зборува за Харис Џиновиќ. Помош за земјоделството, за социјални случаи, да се намалат цените на горивата – тој зборува за Башановиќ. Тоа се вистинските прашања – зошто дефокусира и не одговара на суштинските прашања што им тежат на граѓаните”, изјави Филипче.

Ги отфрли наводите за српски пи-ар

Филипче категорично ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за наводна соработка со Зоран Башановиќ.

„Ниту јас, ниту партијата имаме каква било врска со човекот што го посочуваат. Немаме српски пи-ар, ние имаме наш пи-ар”, рече лидерот на СДСМ.

Тој го упати премиерот „да ги бара Србите во најблиските редови, конкретно Србите што соработуваат со Путин и седат на столчето до него во Владата”.

Обвинение за партизација на Народната банка

Одговарајќи на прашање за неисполнетите вицегувернерски позиции во Народната банка, Филипче ја обвини власта за обид за целосна партиска контрола врз монетарната власт.

„Тоа целосно личи на начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ управува со државата – партизација, контрола и исклучиво партиски ветинг. Со ова се постигнува целосна контрола на институциите, но цената ја плаќаат младите кои ја напуштаат државата”, изјави Филипче, повикувајќи ги институциите да го истражат случајот.

Македонски