Иран го условува пристапот до Ормускиот Теснец – глобалните енергетски пазари во нова криза

7

Техеран порача дека стратешкиот воден пат останува отворен за пловидба, но не и за бродови поврзани со земји што Иран ги смета за непријатели. Изјавата доаѓа во услови на напади врз бродови и извештаи за минирање на теснецот, додека конфликтот сè поотворено се шири кон енергетската инфраструктура на целиот Блиски Исток.

Селективна пловидба наместо слободна навигација

Иранскиот претставник во Меѓународната поморска организација, Али Мусави, изјави дека „дипломатијата останува приоритет”, но истовремено Техеран јасно става до знаење дека пловидбата низ Ормускиот Теснец повеќе не се третира како неутрално прашање.

Во пракса, тоа значи дека една од најважните светски нафтени рути сè поотворено се претвора во инструмент на воен и политички притисок. Теснецот, низ кој пред почетокот на конфликтот минуваше околу една петтина од светската морска трговија со сурова нафта, е веќе де факто дестабилизиран, а неговото затворање или селективна достапност би предизвикале уште посилен удар врз глобалните цени на нафтата и пошироката трговија, потсетува британскиот Guardian.

Заканата со уништување на енергетската инфраструктура

Паралелно со пораките за теснецот, претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф упати директно предупредување – критичната инфраструктура, енергетските постројки и нафтените капацитети низ целиот Блиски Исток би можеле да бидат „неповратно уништени” доколку бидат нападнати иранските електрани.

Заканата е директен одговор на ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој му даде на Иран рок од 48 часа целосно да го отвори Ормускиот Теснец или да се соочи со американски напади врз енергетската инфраструктура.

Со тоа, конфликтот сè поотворено се префрла од класична воена размена кон домените на енергетиката, транспортот и критичните системи – со последици кои одамна ги надминуваат регионалните рамки.

Зеленски: Војната со Иран му оди во прилог на Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека ескалацијата со Иран директно му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи ги троши западните ресурси и вниманието што инаку би биле насочени кон конфликтот во Украина.

Оваа оценка е уште еден показател дека кризата околу Ормускиот Теснец веќе не се движи само во рамките на блискоисточната геополитика, туку станува фактор кој ги поместува и другите глобални кризни жаришта.

Македонски