Владата го намалува ДДВ-то на горивата и ослободува мазут од државните резерви за да спречи поскапување

8

Намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 отсто и ослободување на 2.000 тони мазут од државните резерви се двете клучни мерки со кои Владата на Северна Македонија настојува да го спречи зголемувањето на цените на горивата и електричната енергија, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција одржана на 22 март.

Без владината интервенција – дизелот ќе поскапеше за над 10 денари

Одлуката за намалување на ДДВ-то е донесена на денешната владина седница. Според премиерот Мицкоски, без оваа мерка Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во понеделник ќе донесеше одлука за поскапување на дизелот за 10,5 денари по литар и зголемување на цената на безоловните горива за 6 денари, што значително би го оптоварило стандардот на граѓаните.

Со новата стапка на ДДВ од 10 отсто, Мицкоски очекува РКЕ утре да донесе одлука со која цената на бензинот ќе остане непроменета, додека дизелот би поскапел за 3 до 3,5 денари по литар.

Мерките доаѓаат како одговор на ценовниот скок на горивата на глобалните пазари, предизвикан од војната во Иран.

Актуелни цени и зголемена потрошувачка

Во моментов, максималните малопродажни цени на горивата во земјава изнесуваат:

  • Дизел – 92 денари за литар
  • Еуросупер 95 – 86,5 денари за литар
  • Еуросупер 98 – 88,5 денари за литар

Премиерот истакна дека Северна Македонија има најниски цени на горива во регионот, поради што потрошувачката е зголемена за 9 отсто над вообичаеното ниво. Според негова проценка, околу 150 илјади литри дополнително точат граѓани од соседните држави, а најголем притисок има во пограничните општини – Дебар, Струга и Охрид на запад, Битола и Гевгелија на југ и Куманово на север.

2.000 тони мазут за ЕСМ за стабилна цена на струјата

Мицкоски на прес-конференцијата оцени дека електроенергетскиот сектор во земјата е стабилен. Во функција се блоковите 1 и 3 на термоелектраната во Битола, на депонија во Битола има 80 илјади тони јаглен, во Кичево околу 160 илјади тони, а акумулациите се на ниво од 40 отсто – доволно за приближно еден месец автономно снабдување.

Единствениот предизвик, како што посочи, е цената на мазутот. Затоа на следната редовна седница во вторник се планира одлука за ослободување на околу 2.000 тони мазут од државните резерви, кои ќе бидат предадени на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Не сакаме да дозволиме со овие повисоки цени на мазутот да дојде до дисбаланс. Со оваа интервенција очекуваме цената на електричната енергија да не биде зголемена”, изјави Мицкоски.

Прогласена кризна состојба

Паралелно со економските мерки, Владата одлучи да прогласи кризна состојба со цел да се обезбеди правна основа за ефикасно спроведување на мерките.

„Имаме план, не само со еден или два чекори, туку со цела низа разработени сценарија доколку кризата се влоши или продолжи”, порача премиерот.

Регионот со слични мерки

Северна Македонија не е единствена земја во регионот која презема мерки против ценовните шокови:

  • Црна Гора – Владата најави „максимални мерки” за ограничување на цените, вклучително намалување на акцизите за дизел за 50 отсто, а за Еуросупер 95 и 98 за 25 отсто.
  • Србија – Претседателот Александар Вучиќ на 20 март најави намалување на акцизите на нафтените производи за 40 отсто.
Македонски