ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев преку Башановиќ и српска ПР агенција го води центарот за лаги на СДС и Филипче
Владината партија ВМРО-ДПМНЕ објави дека поранешниот премиер Зоран Заев го договорил Венко Филипче за лидер на СДС, а му обезбедил и ПР тим од Србија кој работи од хотел „Парк” во Скопје.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, екс советникот на Заев, Зоран Башановиќ, заедно со Милљан Счекиќ од српската агенција „Ај медија” (Eye Media), се сместени во хотел „Парк” и оттаму го водат „центарот за лаги и манипулации” на СДС.
„Пред само неколку месеци, по препорака на Зоран Заев, Венко Филипче оди во Ниш, Србија и остварува средба со Милјан Счекич, човек кој сега е задолжен за штанцање на лажните соопштенија и прес-конференции на СДС”, се наведува во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со ова се објаснуваат „фалименто соопштенијата на СДС и многуте српски фрази и споредби во нивната комуникација”.
„Зоран Заев откако го договори Венко Филипче да биде лидер на СДС, му договори и кој да лаже за него. Сега знаете кој е изворот на сите навреди, лаги и манипулации”, додаваат од владејачката партија.
Коментар за апсењето на Анакиев
На новинарско прашање за синоќешното апсење на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поставен во јуни 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ одговори:
„Ова е определбата на Владата за борбата против криминалот и корупцијата на дело. Секој кој се огрешил пред законот, без разлика дали од СДС, од ВМРО-ДПМНЕ или било која друга партија, треба да одговара. Сите мора да бидат еднакви спрема законот. Ова е порака до сите дека со законот нема играње. Колегите од СДС тоа нема да го разберат затоа што тие се уште една иста криминална банда којашто сака да дојде на власт само за повеќе да краде.”