Полицијата и обвинителството со полни раце работа после вчерашната трагедија во скопски Карпош
Едно лице е задржано во полициска станица по трагичниот настан во скопско Тафталиџе, кога мајка и нејзината малолетна ќерка беа пронајдени мртви по пад од балкон на зграда. Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) соопшти дека по наредба на обвинител се испитува евентуалната кривична одговорност на задржаниот – сопруг на жената и татко на девојчето. Братот на починатата жена тврди дека станува збор за убиство по години семејно насилство.
Обвинителството: Биле сами и заклучени во станот
Според првичните сознанија на обвинителството, во моментот на настанот мајката и малолетното девојче биле сами во станот и заклучени од внатрешната страна.
ОЈО Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот. По наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации, информираат од обвинителството.
По наредба на судија на претходна постапка, денеска ќе се изврши детален претрес на станот во кој живееле, кој по вчерашниот увид останал запечатен. Вчера е наредена и обдукција на телата на починатите.
Испитување на претходните пријави за насилство
Во врска со наводите дека жената и нејзината ќерка биле жртви на долгогодишно семејно насилство, од обвинителството соопштија дека е побарано детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи за сите евентуални претходни пријави и поплаки.
Дополнително, на внатрешната контрола при МВР е наредено да го испита постапувањето на полицијата по тие случаи.