Жителите на Плитвички Езера на нозе: Протест против планот за изградба на мигрантски центар во воениот комплекс Жељава

3

Жителите на хрватската општина Плитвички Езера денеска организираа протест против најавите за изградба на центар за мигранти во рамките на некогашниот воен комплекс Жељава. Локалната заедница, која со децении гради туристичка репутација, предупредува дека планот ќе ја загрози иднината на регионот, кој годишно привлекува над 50.000 посетители.

Пактот за миграција и азил на ЕУ

Според новиот Пакт за миграција и азил на ЕУ, кој стапува на сила во јуни, мигрантите од земји со стапка на признавање азил помала од 20 проценти треба да бидат сместени во центри на надворешните граници на Унијата. Таму, во рок од максимум 12 недели, ќе се одлучува за нивниот статус – дали добиваат азил или се враќаат во матичната земја.

Жељава – од најскап воен објект до потенцијален мигрантски камп

Воениот аеродром Жељава, некогаш најстрого чуваниот комплекс во СФРЈ изграден за време на Студената војна со цена од осум милијарди долари, сега се разгледува како локација за ваков центар.

Неофицијалните информации говорат дека во првата фаза би се изградил привремен центар со 450 контејнери, ограден со жица, за сместување на 1.500 мигранти и помеѓу 100 и 200 полицајци и персонал. Во таа област моментално нема вода, електрична енергија или канализација. Изградбата на трајни објекти во поранешната касарна би траела најмалку две години, период во кој атрактивниот комплекс би бил затворен за туристи.

Градоначалникот Матејчиќ: Никој не не консултираше

Градоначалникот на Плитвички Езера, Хрвоје Матејчиќ, остро реагираше на плановите.

„Кажете му на Загреб дека Лика нема да биде раселена. Како единица на локална самоуправа, на чија територија се планира инвестиција и институција за толку чувствителен настан, не бевме контактирани ниту информирани за плановите на МВР. Нашата стратегија за развој е туристичка. Ние сме, заедно со Дубровник, најпознатата туристичка дестинација”, изјави Матејчиќ.

Локалната самоуправа со години предлагала комплексот да се пренамени во музеј, планинарски дом, дом за стари лица, училиште или полициска станица, но идеите биле отфрлани од државата.

Историјата на Жељава

Комплексот Жељава се градел 10 години, почнувајќи од 1958 година. Дизајниран како подземен аеродром кој може да издржи нуклеарен напад, тој имал капацитет за 2.500 луѓе, простор за авиони, команден центар и радар со дострел од 1.000 километри.

За време на војните во 90-тите, базата беше намерно уништена со експлозиви. Денес, иако руинирана, таа претставува значајна туристичка атракција на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина. Подземниот дел и радарската станица се под јурисдикција на Хрватска, додека дел од пистите се наоѓаат на територијата на БиХ.

Македонски