Андреј Ѓуров го претстави составот на техничката влада во Бугарија – Надежда Неински се враќа на дипломатската сцена
Техничкиот премиер на Бугарија, Андреј Ѓуров, денеска го објави составот на владата која ќе ги организира предвремените парламентарни избори и ќе управува со земјата до формирањето нов кабинет. Посебно внимание во регионот привлекува именувањето на Надежда Неински, поранешна шефица на бугарската дипломатија, чие име е тесно поврзано со клучни епизоди од македонско-бугарските односи.
Ѓуров: Од централната банка до премиерскиот кабинет
Мандатарот Андреј Ѓуров, кој досега ја вршеше функцијата вицегувернер на Бугарската народна банка, го претстави техничкиот кабинет пред претседателката Илијана Јотова. Таа му порача дека очекувањата на граѓаните се исклучително високи и дека новата влада нема да ужива толеранција од 100 дена.
„Дури ми се чини дека нема да имате ни 100 минути. Најважната задача е подготовка на фер избори во согласност со законите на земјата”, нагласи Јотова, додавајќи дека одговорноста на министерот за внатрешни работи е особено голема бидејќи мора да води „храбра борба против изборните злоупотреби”.
За министер за внатрешни работи е именуван Емил Дечев, додека ресорот за финансии ќе го води Георги Клисурски.
Неински – позната фигура за македонската политичка сцена
Најголемо внимание во македонските политички кругови привлекува именувањето на Надежда Неински, позната и под поранешното презиме Михајлова. Шеесет и три годишната дипломатка е едно од најпрепознатливите имиња на бугарската надворешна политика во последните три децении.
Михајлова беше министерка за надворешни работи во периодот од 1997 до 2001 година, за време на владата на премиерот Иван Костов. Во тој период, таа учествуваше во преговорите со тогашната македонска влада на премиерот Љубчо Георгиевски, кои резултираа со усвојувањето на Заедничката декларација во 1999 година. Нејзината улога беше клучна и при подготовките и спроведувањето на воената операција на НАТО против СР Југославија истата година.
По завршувањето на министерскиот мандат, Михајлова ја предводеше партијата на Костов, Сојузот на демократските сили (СДС), а потоа пет години беше пратеничка во Европскиот парламент, каде што заземаше висока позиција во структурите на Европската народна партија (ЕПП). Нејзината последна државна функција беше амбасадорка на Бугарија во Турција од 2015 до 2021 година.