Бактерија стара 5.000 години пронајдена во мраз во Романија е отпорна на 10 современи антибиотици

1

Меѓународен тим научници изолирал бактериски сој именуван „Psychrobacter SC65A.3″ од слој прастар мраз во подземна ледена пештера во Романија. Истражувачите издупчиле дупка длабока 25 метри во ледениот блок, чиј волумен изнесува околу 100.000 кубни метри и чија старост е проценета на приближно 13.000 години, со што претставува еден од најголемите и најстарите подземни ледени масиви на континентот.

Повеќе од 100 гени за отпорност

Авторката на студијата, микробиологот Кристина Пуркареа од Институтот за биологија при Романската академија во Букурешт, објасни дека овој сој, и покрај своето древно потекло, содржи повеќе од 100 гени поврзани со отпорност кон антибиотици кои денес се во активна употреба, пренесе научниот портал PopSci.

„Десетте антибиотици кај кои утврдивме отпорност се широко застапени во орални и инјекциски терапии за лекување на сериозни бактериски инфекции, меѓу кои туберкулоза, колитис и болести на уринарниот тракт”, истакна Пуркареа.

Климатските промени како ризик

Истражувачите предупредуваат дека топењето на ледените маси предизвикано од климатските промени може да ослободи древни микроорганизми во околината. Нивните гени за отпорност потенцијално би можеле да се пренесат на современите бактерии, што дополнително би ја закомплицирало глобалната борба против инфективните заболувања.

„Проучувањето на микробите од ледените наслаги стари илјадници години покажува дека отпорноста на антибиотици се развила природно во животната средина, далеку пред воведувањето на модерните антибиотици. Сепак, неопходна е посебна претпазливост при ракување со вакви примероци за да се спречи неконтролирано ширење”, нагласи Пуркареа.

Потенцијал за нови лекови

Наспроти загрижувачките аспекти, откритието нуди и оптимизам. Истражувачите посочуваат дека овие древни микроорганизми произведуваат уникатни ензими и антимикробни соединенија кои би можеле да послужат како темел за создавање нови антибиотици и биотехнолошки решенија. Геномот на „Psychrobacter SC65A.3″ содржи речиси 600 гени со сè уште непознати функции, кои потенцијално кријат индиции за третман на различни заболувања. Дополнително, идентификувани се 11 гени способни да го уништат или запрат растот на други бактерии, габи и вируси.

Анализата на примероците и секвенционирањето на геномот овозможиле утврдување на гените одговорни за преживување на екстремно ниски температури, како и на оние кои придонесуваат за антимикробната отпорност.

Глобален здравствен предизвик

Антимикробната отпорност е рангирана од Светската здравствена организација (СЗО) меѓу водечките глобални здравствени закани, со проценка дека годишно е одговорна за милиони смртни случаи ширум светот. Во Европа, според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), повеќе од 35.000 лица годишно губат живот од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици.

Македонски