БУНТ ВО БЛАТЕЦ: Жителите на 24-часовна стража пред Блатешница – „Нема да дозволиме реката да ни ја стават во цевки!“

10

Со поставени рампи, организирани деноноќни дежурства и категоричен став дека реката е нивниот живот, жителите на виничкото село Блатец се кренаа на нозе за да ја заштитат Блатешница од изградба на најавената мала хидроцентрала. Веќе неколку дена, мештаните се распоредени на влезните патишта кон планината, спречувајќи секаков пристап на тешка механизација.

„Блатешница е живот“

Ситуацијата на терен е тензична, но дисциплинирана. Жителите организираа деноноќни стражи, со помени на смени, за да се осигураат дека ниту една градежна активност нема да започне без нивно знаење. Пораката која ја испратија денеска е недвосмислена: нема да отстапат ниту чекор назад.

За нас Блатешница е живот, таа е сè што имаме. Овде сме за нашите деца и за нашата иднина. По ниедна цена нема да дозволиме некој да ни го одземе правото на вода и да ја уништи природата. Стражите продолжуваат сè додека не се повлече намерата за изградба,“ изјави еден од загрижените жители на Блатец.

Селска конференција за радикализација на протестите

За вечерва во селото е свикана голема селска конференција на која ќе присуствуваат сите семејства. На овој собир треба да се дефинираат понатамошните чекори на отпорот. Жителите најавуваат дека доколку инвеститорот не се повлече, подготвени се и на радикализација на протестите и блокирање на регионалните патишта.

Мештаните тврдат дека со изградбата на хидроцентралата не само што ќе се уништи екосистемот на реката, туку директно се загрозува и снабдувањето со вода за наводнување и за добитокот, што е егзистенцијално прашање за овој крај.

До овој момент, од локалната самоуправа и од надлежните министерства нема официјален одговор на барањата на жителите на Блатец за стопирање на проектот. Мештаните остануваат на барикадите, порачувајќи дека нивната борба за реката нема цена.

Македонски