ПОДГОТОВКИ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ: Движењето Беса го разреши своето централно раководство
Централното собрание на Движењето Беса денеска донесе радикална одлука со која го разреши целото партиско раководство. Како што информираат од партијата, овој потег е дел од поширокиот процес за спојување на партиите од коалицијата ВЛЕН во еден единствен политички субјект.
Одлуката е донесена со мнозинство гласови и се заснова на претходно договорениот мораториум на индивидуални партиски активности, со цел да се отвори патот за целосно структурирање на заедничката коалиција како политичка партија.
Касами со „одврзани раце“ за преговори
Собранието на Движењето му даде целосно овластување на претседателот Биљал Касами да ги продолжи разговорите со останатите партнери во ВЛЕН. Целта е создавање на нов субјект кој ќе се темели на „принципот на правичност“ и ќе ја рефлектира волјата на албанските гласачи.
Незадоволство од работата на функционерите во Владата
Покрај организациските промени, на седницата сериозно била разгледана и досегашната работа на кадрите на Беса во извршната власт. Делегатите ја поддржаа критичката оценка на Касами, според која партијата поседува капацитет за многу поефикасна работа од она што е демонстрирано досега.
Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е направено досега. Анализата на перформансите на нашите функционери ќе продолжи и во наредните денови, а наодите директно ќе се рефлектираат во најавената владина реконструкција,“ порачуваат од партијата.
Функциите како „сервис“, а не како привилегија
Од Движењето Беса потенцираат дека министерските и директорските места се исклучиво средство за подобра услуга кон граѓаните, а не трајна привилегија. Оваа порака доаѓа во време на најави за реконструкција на кабинетот на Мицкоски, каде токму перформансите на кадрите од ВЛЕН ќе бидат под лупа на јавноста и на самите партии.
Во наредниот период се очекуваат поинтензивни консултации внатре во коалицијата ВЛЕН за финализирање на моделот за обединување, додека партијата на Касами веќе го расчисти теренот со повлекување на своето најтесно раководство.