ТРАГЕДИЈА ВО САРАЕВО: Трамвај излета од шините – едно лице загина, на 15-годишно девојче му е ампутирана ногата

4

Едно лице го загуби животот, а неколкумина се тешко повредени во страотна сообраќајна несреќа што се случи денеска во центарот на Сараево. Градски трамвај излета од шините и заврши на еден од најпрометните коловози во градот, во непосредна близина на Националниот музеј на БиХ и Амбасадата на САД.

Страотни сцени на местото на несреќата

Според официјалните информации од окружната полиција, трамвајот излетал од шините околу пладне, при што ја пробил заштитната ограда и продолжил да се лизга десетина метри по асфалтот. Предниот дел на возилото е целосно уништен.

Едно лице загинало на местото на настанот откако било згмечено од тежината на возилото. Пожарникарите со часови се обидувале да ја пробијат смачканата структура на трамвајот за да извлечат телото на жртвата.

Локалните медиуми јавуваат за уште една трагедија во рамките на овој инцидент – меѓу повредените е и 15-годишно девојче (родено 2009 година), која исто така била згмечена при излетувањето. По итното префрлање во болница, лекарите биле принудени да извршат ампутација на нејзината нога.

Застарен возен парк – трамвај стар четири децении

Несреќата повторно го отвори прашањето за безбедноста на јавниот превоз во Сараево. Иако локалните власти неодамна набавија 25 нови возила од швајцарскиот производител „Штадлер“, во употреба сè уште се наоѓаат стари модели од чешко производство, набавени пред повеќе од 40 години. Токму ваков застарен модел е возилото кое денеска излета од шините.

Ова е прв ваков сериозен инцидент со излетување на трамвај во поновата историја на градот, иако сараевскиот трамвајски систем датира уште од далечната 1885 година.

Полицијата и дежурниот обвинител вршат увид на местото на несреќата за да утврдат дали причината е технички дефект на старото возило, човечка грешка или состојбата на пругата. Сообраќајот во овој дел од градот е во целосен прекин.

Македонски