СДСМ ја напушти седницата на Собранието поради недозволено гласање за минималната плата

12

Додека пред Собранието траеше блокадата во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра, во собраниската сала се одвиваше остро политичко надмудрување меѓу власта и опозицијата на истата тема.

Епилогот од расправата е дека не помина предлогот на пратениците од СДСМ за дополнување на дневниот ред на 84. седница со нивното законско решение за зголемување на минималната плата, по што пратеничката група на опозициската партија одлучи да ја напушти седницата.

На ваквата одлука ѝ претходеше дебата меѓу координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и едночасовна пауза.

Според образложението на Гаши, предлог-законот на СДСМ не можел да се стави на гласање бидејќи не бил доставен до сите пратеници, односно сè уште бил во постапка на преведување.

„Предлогот е примен денеска во архива и е вратен на доработка. Очекувам многу брзо да биде доставен до сите пратеници, по што на наредната седница ќе може да се дополни дневниот ред“, изјави Гаши.

Од друга страна, Спасовски истакна дека Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата бил поднесен уште на 31 јануари, со што, според него, бил исполнет условот точките доставени до крајот на минатиот месец да се разгледуваат на оваа седница.

„Дополнувањето или поправањето на текстот, според Деловникот, не значи повторно поднесување“, рече Спасовски, додавајќи дека забелешките за образложението биле вметнати и текстот повторно доставен.

Тој нагласи дека барањето на синдикатите за минимална плата од 600 евра, односно 36.960 денари, е реално и финансиски изводливо, посочувајќи дека за време на мандатот на владата на СДСМ минималната плата пораснала од 8.600 на 22.400 денари.

„Има можност, потребна е само политичка волја да се одговори на барањата на работниците“, рече Спасовски.

По паузата, откако повторно не беше прифатен предлогот за дополнување на дневниот ред, Спасовски го обвини претседателот на Собранието за двојни стандарди во однос на предлозите на власта и опозицијата и најави дека пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работата на седницата.

Гаши, пак, во одговор истакна дека додека е претседател на Собранието никогаш не предложил точка на дневен ред без материјалот да биде доставен до пратениците.

„Тоа е основно начело на работа на Собранието. Не може да расправаме за нешто што не го знаеме и немаме како материјал. Штом ќе биде доставен преводот до сите пратеници, ќе можеме да расправаме“, рече Гаши.

Македонски