Синоќешната заплена на дрога го руши рекордот од 2007 година
Запленети 27 тони марихуана: Истрага за злоупотреба на лиценци за медицински канабис
Македонските безбедносни органи спроведоа обемна координирана акција во која беа запленети вкупно околу 27 тони марихуана, а истрагата е поврзана со претходно откриен шверц на дрога во Србија. Ова е втора најголема заплена во историјата на Македонија од независноста па наваму, ако во предвид ја земеме последната „потешка“ заплена во 2007 година од 486 килограми кокаин.
Во фокусот на истражните органи е сомнеж за злоупотреба на лиценци за медицински канабис, што повторно ги отвори прашањата за системските пропусти во надзорот на овој чувствителен бизнис сектор.
Според официјалните информации, дрогата била пронајдена на две клучни локации. Во Скопје, во кругот на поранешната фабрика ОХИС, биле откриени околу 10 тони марихуана складирани во објекти во сопственост на приватна фирма. Во паралелна акција во струмичкиот регион биле запленети дополнителни 18 тони марихуана.
Операцијата била спроведена со ангажман на голем број полициски службеници, специјални единици, камиони и десетици полициски возила. На терен логистичка поддршка пружила и Царинската управа, а биле присутни и медицински екипи за асистенција при безбедно процесирање на запленетиот материјал.
Во центарот на истрагата е компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, регистрирана во 2023 година со основна главнина од околу 529 илјади евра. Фирмата во 2024 година добила лиценца за одгледување и преработка на билки за фармацевтска употреба, но истражителите се сомневаат дека значителен дел од производството бил пренасочуван на нелегалниот пазар, наместо во легалните медицински канали.
Дополнителен сомнеж предизвикуваат и податоците од Централниот регистар, кои укажуваат на промени во сопственичката структура на „Алфафарм“ направени само неколку дена пред откривањето на нелегалната пратка во Србија.
На 29 јануари 2026 година, српската полиција во близина на селото Коњух кај Крушевац заплени околу 5 тони марихуана, со проценета вредност меѓу 7 и 10 милиони евра. Дрогата била транспортирана под маската на извоз на корнишони, а меѓу уапсените во Србија се наоѓа и еден од сопствениците на „Алфафарм“ ДОО Скопје.
Српските власти и медиуми потврдија дека пратката потекнува од Македонија, по што е воспоставена интензивна соработка меѓу обвинителствата на двете држави. Според досегашните сознанија, токму овој транзитен канал бил предмет на повеќемесечна истрага, која кулминирала со откривањето на магацините во Скопје и Струмица.
Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат кривична одговорност за сите инволвирани лица и проверка на постојната регулатива за медицински канабис.