Шидер: Албанија може да стане членка на ЕУ до крајот на оваа деценија

9

Известувачот на Европскиот парламент за Албанија, Андреас Шидер, оцени дека интеграцијата на Албанија во Европската Унија е остварлива во рамките на оваа деценија, доколку земјата продолжи со сегашното темпо на реформи.

Според Шидер, доколку албанскиот парламент и владата го задржат интензитетот на реформските процеси, членството во ЕУ може да се постигне во мандатот на актуелниот Европски парламент, кој завршува на крајот од 2029 година.

Тој говореше на форумот „Уште неколку чекори до ЕУ“, што се одржа во приморскиот град Валона, во организација на амбасадорот на Албанија во Австрија, Фатех Велај. На настанот учествуваа и амбасадорите на ЕУ акредитирани во Албанија, како и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали.

Шидер истакна дека Европа ќе биде целосна само кога целиот Западен Балкан, а особено Албанија, ќе стане дел од Европската Унија.

„Откако доби статус на кандидат, Албанија природно се посвети на брз напредок и спроведување реформи. Интеграцијата во ЕУ ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, нагласи Шидер.

Тој додаде дека, покрај техничките аспекти поврзани со судството, економската модернизација, јавната администрација, транспарентноста на медиумите и образованието, членството во ЕУ носи повисок животен стандард, особено за младите, но и обврски и одговорности во сите општествени сектори.

Според него, европската интеграција не е исклучиво владин проект, туку процес што мора да го вклучи целото општество.

„Интеграцијата во ЕУ е заеднички проект на бизнисите, работниците, учениците, студентите, научниците и сите граѓани. Секој мора активно да се вклучи. Тоа беше сон во 1990-тите, кој и ние во Австрија го споделувавме пред нашето членство. Денес, истиот сон го гледам и во Албанија“, изјави Шидер.

Тој заклучи дека проширувањето на Унијата не претставува само напор од страна на земјите кандидати, туку и значајна можност за самата Европска Унија, пренесува албанската агенција АТА.

Македонски