Превозниците од Западен Балкан продолжуваат со блокадите, денес очекуваат решение од Европската комисија

12

Здруженијата на транспортни компании од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија и денеска продолжуваат со блокирање на граничните терминали за товарен сообраќај кон земјите на Европската Унија, додека од Европската комисија очекуваат конкретно решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Превозниците реагираат на правилото кое го ограничува престојот на возачите од земјите надвор од ЕУ на максимум 90 дена во период од шест месеци. Мерката беше дополнително заострена со воведувањето на електронскиот систем за евиденција на влез и излез (Exit Entry System – EES) во октомври 2025 година, со што се воспостави строга контрола на времетраењето на престојот во 29 земји од ЕУ и Шенген-зоната.

Според транспортните компании, новиот систем практично им го преполовил работното време на возачите и довел до сериозни нарушувања во логистичките текови, поради што од 26 јануари е започната блокада на сите товарни гранични премини меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Од Европската комисија, чии членки веќе трпат економска штета поради доцнење или невозможност за испорака на стоки од регионот, најавија дека денеска ќе биде објавена работна верзија на новата визна стратегија на Унијата. Таа, според најавите, треба да понуди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген, преку воведување специјални визи.

Превозниците претходно порачаа дека нема да ги прекинат протестите сè додека не се донесе јасно и применливо решение, особено поради тоа што во изминатите денови дел од возачите биле санкционирани за надминување на дозволениот престој во земјите од ЕУ.

Дополнителен проблем, според компаниите, е хроничниот недостиг на професионални возачи во цела Европа. Поради тоа, тие не можат да ангажираат нов кадар, ниту финансиски да издржат да исплаќаат плати на возачи кои мораат со месеци да чекаат да започне новата дозволена „квота“ за престој во Шенген-зоната.

Македонски