МВР апелира до граѓаните да ги ажурираат податоците за системот „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи упати апел до граѓаните да ги ажурираат своите контакт-податоци со цел системот „Безбеден град“ да функционира непречено и ефикасно.
Ажурирањето на податоците може да се изврши на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи во зградата на МВР, на приземје, кој работи секој работен ден од 8 до 17 часот. На оваа локација, жителите на Скопје можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците доставени при регистрација на возилата, доколку во меѓувреме настанала промена или доколку добиле известување со неточни информации.
Истата постапка може да се спроведе и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР нагласуваат дека навременото ажурирање на податоците е од клучно значење за правилно информирање на сопствениците на возила и за успешно функционирање на системот „Безбеден град“.