Уапсен во Тирана државјанин баран за три убиства во Северна Македонија

19

Албанската државна полиција уапси државјанин на Северна Македонија кој бил меѓународно баран поради сомнение за три убиства, во рамки на 80-тата фаза од полициската операција со кодно име „Оперативец“.

Како што соопштија надлежните, станува збор за Бесим Шерифи (52) од селото Копаница, општина Сарај, кој подолг период се криел во Тирана користејќи фалсификувани лични документи на име на државјанин од Косово.

По повеќемесечни истраги и оперативни активности на Дирекцијата на Специјалната оперативна единица, Шерифи бил лоциран во реонот Суво Езеро во албанската престолнина и уапсен со цел негова екстрадиција.

Според албанската полиција, по Шерифи била распишана меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Судот во Скопје во 2007 година му одредил мерка притвор за кривичното дело „убиство“, за кое е предвидена казна доживотен затвор. Тој се сомничи дека на 5 октомври 2007 година, во селото Копаница, со огнено оружје лишил од живот три лица.

При претресот кај осомничениот и во станот каде престојувал, пронајдени и одземени се косовски пасош, лична карта и возачка дозвола, сите фалсификувани и издадени на име на државјанин од Косово.

Од полицијата информираат дека материјалите за кривичното дело „фалсификување исправа“ се доставени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Тирана. Во меѓувреме, Интерпол Тирана во соработка со Интерпол Скопје ќе ги продолжи процедурите за екстрадиција на осомничениот во Северна Македонија.

Македонски