Протест на работниците во Скопје: Бараат повисоки плати и минималец од 600 евра

7

Попладнево во 17 часот, од пред Работничкиот дом во Скопје ќе започне протестна поворка на работници кои ќе го изразат своето незадоволство од ниските плати и ќе побараат нивно зголемување за најмалку 6.000 денари, со цел минималната плата да достигне 600 евра.

Протестот го организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), а неговиот претседател Слободан Трендафилов порача дека станува збор за борба за иднината на семејствата и задржување на младите во земјава.

„Овој протест е за вашите деца, ќерки и синови, за вашите внуци и внуки – за да ги зачуваме семејствата во Македонија и да не заминуваат во странство“, истакна Трендафилов.

Тој ги повика работниците да излезат масовно, потенцирајќи дека молкот и неучеството се толкуваат како поддршка на ставот дека платите се доволни и дека работниците живеат добро, што, според него, не е реалната слика.

Поворката ќе тргне од Работничкиот дом – симболот на работничката борба, ќе продолжи пред Собранието, каде, како што рече Трендафилов, пратениците остануваат „слепи и глуви“ на барањата на ССМ, и ќе мине покрај работодавачите, кои синдикатот ги посочува како едни од главните виновници за иселувањето на граѓаните. Протестот ќе заврши пред Владата.

„Платите во Македонија се мизерни, додека функционерите си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ. Владата 36 години не прави ништо суштинско за работниците“, порача Трендафилов.

Од ССМ оценуваат дека за двете години во кои Владата одбива да ја зголеми платата, а работодавачите да постигнат договор со работниците, граѓаните се реално посиромашни за околу 9.500 денари – износ што одговара на зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница.

Македонски