ВМРО-НП Аеродром: ЕУ интеграциите не се избор на денот, туку нужност за утрешнината
Две години во континуитет се создаваше наратив дека на државата не и е потребен влез во „ваква“ Европска унија. Денес, истите тие политики нè доведоа до апсурдна ситуација – протести со кои ја молиме ЕУ да ни даде неколку дена плус престој за нашите професионални возачи. Уште поголем парадокс е што истиот министер кој денес апелира кон Брисел, не дозволува престој подолг од пет дена за странските камиони во нашата држава.
Ова, сепак, е само почеток. Станува збор за првиот од двата Шенген-системи за влез и излез на државјани од трети земји. До крајот на годината ќе биде воведен и вториот систем, кој ќе подразбира наплата и задолжителна онлајн најава најмалку три дена пред влез во Шенген-зоната. Тогаш прашањето нема да ги засега само возачите, туку целото население.
Оттука логично се наметнува дилемата: дали тогаш ќе гледаме нови протести, предводени од други министри, или можеби и од премиерот, кога последиците директно ќе ги почувствуваат сите граѓани?
Решението, сепак, не е ниту едно, ниту три – решението е едно. Продолжување на европските интеграции и што е можно побрзо излегување од категоријата „трети земји“. Сè друго е импровизација, краткорочен политички маркетинг и одложување на неминовното.
П.С. Порака до „патриотите“: Пирин и Егеј се дел од големото Шенген-пространство и Еврозоната, со рамноправен пристап до европските фондови. Прашањето е дали ние сакаме да бидеме внатре со нив – или засекогаш да останеме надвор, со протести и молби наместо со права, се вели во реакцијата на општинскиот комитет на ВМРО-Народна партија од општина Аеродром.