Ново задолжително стоп-светло за сите нови возила во ЕУ од јули: трепкачки сигнал за итно сопирање
Од средината на оваа година, сите нови автомобили што ќе се продаваат во Европската Унија, вклучително и во Хрватска, Бугарија и Грција, ќе мора задолжително да имаат вградено нов тип стоп-светло кое јасно сигнализира опасност при нагло сопирање. Целта на мерката е навремено предупредување на другите учесници во сообраќајот и спречување на судири со возила што нагло запираат.
Според Регулативата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули годинава задолжителна станува инсталацијата на т.н. „Сигнал за итно запирање“. Системот вклучува трепкачко стоп-светло при силно сопирање и автоматско активирање на сите трепкачи кога возилото нагло ќе застане. Сигналот се активира автоматски при брзини над 50 километри на час, а возилата кои нема да го имаат овој систем нема да можат да добијат хомологација по наведениот датум.
Хрватскиот авто клуб (ХАК) појаснува дека досега стоп-светлата се активирале секогаш кога возилото сопира, но новите прописи носат значајна промена. При силно забавување, најчесто при брзини над 50 км/ч, ќе се вклучува таканареченото адаптивно светло за итно сопирање, при што стоп-светлата ќе трепкаат неколку пати во секунда и јасно ќе сигнализираат опасност. Доколку возилото целосно застане по нагло сопирање, предупредувачките светла автоматски ќе се активираат, а стоп-светлото ќе остане вклучено.
Од ХАК наведуваат дека ова визуелно предупредување има за цел да го намали ризикот од опасни судири одзади, особено на автопатишта и експресни патишта. Новата регулатива се однесува исклучиво на нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила, при што постојните автомобили нема да мора дополнително да се модифицираат или доградуваат со овој систем.
Мерката е дел од поширокиот пакет на Европската Унија за зголемување на безбедноста во сообраќајот, содржан во Регулативата на ЕУ 2019/2144. Таа предвидува задолжително воведување на низа активни и пасивни безбедносни системи во новите возила, меѓу кои напредни системи за автоматско сопирање во итни случаи (AEBS), помош при одржување на лента, интелигентен ограничувач на брзина, детекција на замор и поспаност кај возачот, камера за поглед наназад и други технологии за побезбедни патишта.