Започнува изградбата на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар во Скопје

15

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, преку социјалните мрежи соопшти дека официјално започнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар, со што, како што истакна, трајно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во овој дел од градот.

„Денес, заедно со министерот за здравство Азир Алиу и стручните тимови од ЈП ‘Градски паркинг’ и Град Скопје, одржавме координациски состанок со кој го отпочнуваме процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар“, напиша Ѓеорѓиевски.

Проектот, кој ќе го реализира Град Скопје, предвидува обезбедување на околу 500 нови паркинг места. Според градоначалникот, со ова конечно ќе се стави ред во сообраќајниот хаос и ќе се олесни движењето во и околу Клиничкиот центар.

Ѓеорѓиевски нагласи дека станува збор за конкретно, функционално и долгорочно решение кое директно ќе го подобри секојдневието на здравствените работници, како и пристапот за пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување.

Со изградбата на монтажните гаражи се очекува подобра организација на сообраќајот, непречен пристап за итната медицинска помош и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот, во согласност со современите урбанистички стандарди.

Проектот се реализира во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со поддршка од Владата, што, според градоначалникот, е јасен показател за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

„Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера“, порача Ѓеорѓиевски.

Македонски