Сведочење за пожарот во „Пулс“: Плаќање во кеш, пиротехника, еден излез и присуство на малолетници

18

Кристијан Панов, невработен млад човек кој повремено работел како келнер во дискотеката „Пулс“, денеска сведочеше пред судот за начинот на функционирање на локалот и за кобната ноќ кога во пожарот загина и неговиот брат Андреј Панов.

Тој изјави дека не бил формално вработен, туку бил ангажиран директно од сопственикот Дејан Јованов – Деко, а исплатата секогаш се вршела во кеш.

– Бев плаќан 1.500 денари по смена, парите ги добивавме на почетокот на работата и на крајот остануваа кај нас – рече Панов.

Според неговото сведочење, во дискотеката настапувале различни бендови и диџеи, и од Македонија и од странство, а повремено се користеле и пиротехнички средства.

– Непосредно пред несреќата имаше диџеј од Грција, а настапуваа и танчарки кои вртеа факели со оган – наведе Панов.

Тој истакна дека објектот имал само еден влез и излез, за кој не бил сигурен дали бил соодветно означен, како и дека не забележал противпожарни апарати во внатрешноста. Потврди дека имало обезбедување, но нагласи дека во „Пулс“ често имало и малолетници.

– Да, имаше малолетници. Полицијата доаѓаше повремено, понекогаш и без униформа – изјави тој.

Опишувајќи ја трагичната ноќ, Панов рече дека бил на роденден на пријател и излегол надвор да запали цигара, по што настанала паника.

– Одеднаш сите почнаа да трчаат. Се создаде стампедо на скалите и на влезот, луѓето се заглавија меѓу двете врати – сведочеше тој.

По смирувањето на ситуацијата, се обидел да го пронајде брат му Андреј, кој работел како шанкер.

– Влегов внатре, но беше невозможно да се остане повеќе од неколку секунди. Го барав, но не го најдов. Подоцна го најдов на прагот, веќе извлечен надвор. Го препознав по тетоважите – рече Панов, додавајќи дека во амбулантата безуспешно се обидувал да му помогне, по што му било соопштено дека починал.

Сведокот појасни дека резервациите за билети формално оделе преку менаџерот Борис Финдачки, но можеле да се направат и директно преку сопственикот Дејан Јованов или неговиот син Михајло.

Во текот на вкрстеното испрашување, одбраната се обиде да го оспори неговото сведочење, особено во делот за противпожарната опрема и присуството на малолетници. Панов повтори дека лично не видел противпожарни апарати, освен за време на пожарот кога го забележал сопственикот со апарат, и нагласи дека полицијата била свесна за присуството на малолетници.

– Апсолутно знаеле, без разлика дали биле во униформа или не – рече тој.

Во однос на обидите за спасување, Панов посочи дека видел повеќе лица како им помагаат на луѓето во стампедото.

– Тоа е човечки инстинкт и одговорност. Она што се случи е последица на човечка неодговорност – додаде сведокот.

Панов потврди дека работел во „Пулс“ од септември 2024 до март 2025 година, исклучиво за викенди, и дека плаќањето било секогаш во готово. За капацитетот на објектот изјави дека дискотеката била преполна и дека движењето низ внатрешноста било отежнато.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Истражните органи утврдија дека објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без исполнување на минималните технички и безбедносни услови, со надминат дозволен капацитет, присуство на малолетници и употреба на пиротехника без дозвола.

Македонски