САД и официјално ја напуштија СЗО: Одлуката на Трамп отвора неизвесност за глобалното здравје

14

Американскиот претседател Доналд Трамп по вторпат го реализираше најавеното повлекување на Соединетите Американски Држави (САД) од Светската здравствена организација (СЗО), со што оваа агенција на Обединетите нации остана без еден од своите најголеми и најзначајни финансиери.

Една година по последните најави, повлекувањето стана и официјално, откако Трамп, неколку дена по почетокот на својот втор мандат, потпиша извршна наредба за излез од СЗО. Уште за време на пандемијата на ковид-19, американскиот претседател ја обвинуваше организацијата дека е под „кинеско влијание“.

Американското Министерство за здравство и социјални служби соопшти дека одлуката е донесена поради, како што наведуваат, „лошо управување“ со кризата за време на пандемијата, неможноста за спроведување реформи и политичкото влијание на одредени земји членки врз работата на организацијата.

Од СЗО ги отфрлаат овие обвинувања. Генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека одлуката на администрацијата на Трамп претставува загуба не само за САД, туку и за целиот свет. Организацијата потсетува на својата улога во глобалната борба против полио, ХИВ, намалувањето на смртноста кај мајките, како и на меѓународниот договор за контрола на тутунот.

По пандемијата со коронавирусот, земјите членки на СЗО работеа на создавање меѓународен договор за пандемии, чија цел е подобра превенција, подготвеност и одговор на идни здравствени кризи, вклучително и поправична распределба на вакцините и лековите. Во април 2025 година, сите земји освен САД постигнаа договор околу овој документ.

Вашингтон традиционално беше меѓу најголемите финансиери на СЗО, но членарината не ја уплаќаше во текот на 2024 и 2025 година, што доведе до отпуштања и финансиски кратења во рамки на организацијата. Правните застапници на СЗО наведуваат дека САД сè уште должат околу 260 милиони долари, тврдење што американската страна го отфрла.

Со повлекувањето, САД целосно го прекинаа финансирањето, а американските вработени се повлечени од седиштето на СЗО во Женева, како и од канцелариите ширум светот. Стотици договори меѓу САД и СЗО се суспендирани или целосно прекинати, се наведува во соопштението на американското Министерство за здравство.

Во заедничка изјава, министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди и државниот секретар Марко Рубио порачаа дека „СЗО го обезвреднила и уништила сето она што Америка го направила за неа“, обвинувајќи ја организацијата дека се оддалечила од својата основна мисија и повеќепати дејствувала спротивно на интересите на САД.

Како дополнителен пример, тие го наведуваат и тоа што американското знаме не било повторно поставено во седиштето на агенцијата. Според нив, ангажманот на САД со СЗО ќе биде строго ограничен само на процесот на повлекување и на мерките за заштита на здравјето и безбедноста на американските граѓани.

Американското Министерство за надворешни работи најави дека ќе одржува билатерални односи со други земји за контрола на болести и размена на патогени, без да прецизира со кои држави веќе е воспоставена таква соработка. За глобалните програми против полио и ХИВ, од Вашингтон наведуваат дека ќе соработуваат со невладини организации и верски групи.

Сепак, не е јасно дали САД ќе продолжат да учествуваат во размената на информации и во развојот на годишната глобална вакцина против грип.

Прашањето за повлекувањето на САД ќе биде на дневен ред на претстојниот состанок на извршниот одбор на СЗО, кој ќе се одржи од 2 до 7 февруари. Од организацијата за Би-би-си изјавија дека Секретаријатот ќе постапува согласно насоките на нејзините управни тела.

Македонски