Денеска се слави Преподобен Јоаникиј Ракотински

15

Роден во Охрид на Божик, 1847 година, уште од најрана возраст го посветил својот живот на духовното служење. Монашки постриг примил во 1873 година во манастирот „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези. По краток престој во манастирот Горен „Свети Илија“ во селото Бањани, во 1874 година се приклучил на братството на Марковиот манастир, а подоцна се населил во селото Ракотинци, каде што го обновил манастирот „Свети Илија“.

Во 1896 година основал келијно училиште за деца, посветувајќи особено внимание на духовното и образовното издигнување на народот. Со длабока вера, постојана молитва и со користење лекови од природата, несебично им помагал и ги лекувал луѓето, стекнувајќи голема почит меѓу верниците.

Неговиот подвижнички живот се одвивал во едно од најтешките историски периоди – за време на османлиското владеење, Балканските војни и Првата светска војна, кога македонскиот народ минувал низ тешки страдања. Тој лично бил изложен на бројни притисоци и искушенија, како од турските власти, така и од локални турски и арнаутски одметници, кои во неколку наврати се обиделе да го лишат од живот.

Во 1913 година бил произведен во игумен, а во 1935 година го добил чинот архимандрит, како признание за неговата пожртвуваност, духовна зрелост и долгогодишна служба.

Се упокоил во Господа на 24 јануари 1940 година. По неговото преставување, во повеќе наврати било откривано неговото нераспаднато тело, од кое се ширел пријатен и благ мирис – сведоштво кое верниците го примаат како знак на неговата светост и благодатен живот.

Македонски