Над 2.000 случаи на грип за една недела: ИЈЗ предупредува дека вирусот и натаму е силно присутен
Во периодот од 12 до 18 јануари, односно во третата недела од 2026 година, во Македонија се регистрирани 2.062 случаи на грип и заболувања слични на грип, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Иако бројката е намалена за 11,2 проценти во однос на претходната недела, здравствените власти оценуваат дека активноста на вирусот сè уште е на високо ниво.
Според споредбените податоци, бројот на заболени е за 46 проценти поголем отколку во истата недела минатата година, кога биле пријавени 1.412 случаи. Во однос на просечната епидемиска крива за последните 15 сезони, бројот е за 6,9 проценти понизок, но инциденцата останува над прагот за средна активност, што укажува на засилена циркулација на вирусот.
Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години, кај кои се евидентирани 1.274 случаи. Највисока инциденца, со 289,1 случај на 100.000 жители, е регистрирана кај децата од 0 до 4 години, со вкупно 279 заболени. Кај возрасната група од 5 до 14 години се пријавени 243 случаи, додека кај лицата над 65 години – 266.
Случаи на грип се пријавени во 29 центри за јавно здравје. Најголем број има во Скопје – 556, по што следуваат Тетово (146), Охрид (142), Битола (139) и Куманово (137). Во повеќето помали општини бројот на заболени е под 30.
Многу висока активност на грипот е забележана во Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци, додека висока активност е регистрирана во Кратово, Штип и Виница. Во најголемиот дел од земјата активноста е средна до сезонска, а во две здравствени единици е нотирана многу ниска активност.
Во текот на оваа недела се пријавени и два смртни случаи поврзани со грип – 75-годишна жена од Скопје и 69-годишен маж од Кавадарци. Двајцата биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, имале хронични заболувања и не биле вакцинирани против сезонски грип. Кај нив лабораториски е потврден вирусот Influenza A.
Од ИЈЗ наведуваат дека вирусолошкиот надзор покажува континуирано интензивно ширење на грипот, со повеќе од 10 проценти позитивни примероци веќе шеста недела по ред. И покрај благо намалување на неделно ниво, институциите апелираат на зголемена претпазливост, особено кај повозрасните лица, хронично болните и невакцинираните граѓани.