Сојузот на синдикати најави протест: „Време е за достоинствени плати и работничка правда“
Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција повика на масовен протест што ќе се одржи во среда, на 28 јануари, со почеток во 17 часот. Протестот ќе започне пред зградата на Сојузот на синдикати, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
Трендафилов порача дека протестот е повик за заедничка борба за повисоки и достоинствени плати, нагласувајќи дека на улица треба да излезат сите работници чии примања не биле зголемени и кои тешко го поминуваат месецот.
„Ги повикуваме сите работници кои не можат да врзат крај со крај, сите што биле излажани од газдите, менаџерите, директорите, министрите и премиерите дека платите ќе им бидат зголемени. Време е за заедничка борба“, изјави Трендафилов.
Од Сојузот на синдикати оценуваат дека политичките чинители до крајот на минатата година не презеле конкретни чекори за подобрување на работничкиот стандард, оставајќи ги работниците сами да преговараат со работодавците.
Според податоците што ги изнесе Трендафилов, околу 33 проценти од вкупно 540.000 вработени во државата живеат со плата под прагот на сиромаштија, што значи дека и покрај тоа што работат, остануваат сиромашни.
Синдикатите потсетуваат дека уште од март се зборува за зголемување на платите за 25 евра, додека истовремено се најавува раст на функционерските плати за повеќе од 250 евра, што, според нив, претставува јасна неправда.
„Очигледно е дека политичките елити не носат одлуки во интерес на 540.000 работници. Затоа работниците се оставени сами и секој треба да излезе и да се избори за своите права“, нагласи Трендафилов.
Од Сојузот на синдикати порачаа дека протестот има за цел да им укаже на работодавците и на носителите на одлуки дека животниот стандард во Македонија е најнизок во Европа, со најниска просечна и минимална плата.
Трендафилов најави дека доколку институциите и понатаму останат без слух, синдикатите ќе преземат порадикални чекори, меѓу кои и генерален штрајк, како и иницијатива за собирање 10.000 потписи за законски измени со кои би се барало намалување на функционерските плати за 78 отсто и воведување минимална плата од 600 евра.