Пратеници предупредуваат: Ограничувањата со ЕЕС системот може да предизвикаат застој во снабдувањето и удар врз економијата
Ограничувањето на престојот на возачите во Шенген зоната преку таканаречениот ЕЕС систем може да доведе до сериозен колапс во синџирите на снабдување и значителни негативни последици врз економијата, беше истакнато на денешната собраниска седница посветена на опозициски прашања.
Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулевски, го отвори прашањето барајќи одговор од министерот за транспорт и врски Александар Николоски за тоа какви чекори презема Владата за надминување на проблемот. Според Трајчулевски, ограничувањата ќе ги онеспособат превозниците навремено да испорачуваат стоки, што може да доведе до губење на работни места и иселување на работната сила во други земји.
Тој предупреди дека прекинот на синџирите на снабдување може да резултира со недостиг на прехранбени производи, лекови и репроматеријали, што директно би ја погодило домашната економија. „Недостаток на основни производи во маркетите, лекови во аптеките и суровини за фабриките ќе значи сериозен удар врз стопанството“, истакна Трајчулевски, прашувајќи која е владината стратегија и рокот за решавање на проблемот.
Министерот Николоски призна дека станува збор за сериозен предизвик и дека за ова прашање веќе се разговарало со претставници на Европската унија, но без конкретен напредок. Тој посочи дека официјалниот став на Европската комисија е дека новите правила не се разликуваат од постојните, според кои престојот е ограничен на 90 дена во период од 180 дена.
„Формално тоа е точно, но практично не е, затоа што превозниците не се туристи“, нагласи Николоски, додавајќи дека примената на правилата во пракса создава сериозни проблеми за транспортниот сектор.
На истата седница беше отворено и прашањето за недостигот на лекови за пациентите со хемофилија. Пратеничката од Левица, Јована Мојсовска, побара одговор од Министерството за здравство зошто пациентите останале без неопходната терапија. Наместо министерот, одговор даде заменик-министерот Јовица Андовски, кој информираше дека добавувачот не успеал навреме да ги испорача лековите, но дека е обезбеден заменски препарат кој им се нуди на пациентите.