Вработен во Основниот суд во Гостивар уапсен под сомнение за примање поткуп
Полициски службеници од Полициското одделение Ростуше на 20 јануари 2026 година во 20:10 часот го лишија од слобода А.Ј. (49) од селото Присојница, општина Маврово и Ростуше, поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, казниво по член 357 од Кривичниот законик.
Според пријавата поднесена од Н.А. од селото Калиште, општина Врапчиште, осомничениот, кој е вработен во Основниот суд во Гостивар, преку негов пријател С.М. од Гостивар понудил за сума од 100 евра да „среди“ бришење на судска казна од 200 евра и забрана за управување со моторно возило во траење од шест месеци. Како што било наведено, А.Ј. тврдел дека документите за извршување на казната се кај него и дека може да ја заврши постапката.
Во пријавата се посочува дека Н.А., во име на својот пријател, стапил во контакт со осомничениот и договориле средба во угостителски објект во Гостивар. По средбата, Н.А. го информирал А.Ј. дека е новинар и дека разговорот се снима, по што осомничениот се обидел да се оправда дека станувало збор за шега и се обидел да побегне.
А.Ј. е задржан во полициска станица, а по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.