Лекарската комора даде поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарската комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што се предвидени со него, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и подобра заштита на граѓаните, особено на децата, младите и ранливите категории.
Од Комората нагласуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со тешките последици од употребата на тутунски и никотински производи, како и од изложеноста на тутунски чад. Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и низа други здравствени проблеми, според нив, се директно или индиректно поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар за здравствениот систем.
Следејќи ги европските стандарди и практики, Лекарската комора смета дека предложените мерки за построга контрола на тутунските и никотинските производи, како и за заштита од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младата популација, и за поефикасна заштита на непушачите во затворени простории.
„Здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси“, порачуваат од Комората, додавајќи дека доследната примена на законските одредби може да резултира со намалување на бројот на хоспитализации и да донесе долгорочни придобивки за општеството во целина.
Од Лекарската комора најавуваат дека ќе продолжат активно да се вклучуваат во подигнување на јавната свест за ризиците од пушењето и ќе дадат поддршка на сите политики и мерки што придонесуваат за поздрава и побезбедна заедница.