Лазаров најави одмор и фокус на Португалија по поразот од Данска

8

Македонската ракометна репрезентација со пораз го започна настапот на Европското првенство, откако синоќа во Хернинг загуби од кодомаќинот Данска со убедливи 36:24. Веќе утре, избраниците на Кирил Лазаров ги очекува можеби клучниот натпревар за пласман во следната фаза, против селекцијата на Португалија.

По завршувањето на дуелот со Данска, селекторот Лазаров информираше дека денешниот тренинг е откажан, со цел репрезентативците да се одморат и физички и ментално да се подготват за претстојниот натпревар.

Тој се осврна и на изостанувањето на двајцата искусни ракометари, голманот Никола Митревски и кружниот напаѓач Жарко Пешевски, кои не беа во записникот за мечот со Данска.

„Причината за нивното отсуство се ситни повреди. По разговор со играчите, медицинскиот тим и стручниот штаб донесовме одлука да не настапат. Да беа целосно здрави, сигурно ќе играа. И двајцата имаат добра сезона и се надевам дека ќе бидат подготвени за неделниот дуел со Португалија“, изјави Лазаров.

Португалија шампионатот го отвори со победа над Романија од 40:34, во натпревар во кој португалските ракометари имаа водство во текот на целиот меч.

Натпреварот меѓу Македонија и Португалија ќе се игра во недела во Хернинг, со почеток во 18 часот.

Македонски