Девет украдени службени пиштоли откриени на „Богородица“ – обвинителство отвори истрага против прилепчанец

12

Вкупно девет службени полуавтоматски пиштоли, кои биле предмет на кривично дело тешка кражба извршена на 5 јануари во просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, се пронајдени при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“, соопштија надлежните институции.

Оружјето било откриено во патничко возило „Шкода Октавија“, сопственост на правно лице од Прилеп. Основното јавно обвинителство Гевгелија донело наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп, кој на 14 јануари го изнајмил возилото и се обидел да ги пренесе пиштолите преку државната граница.

Според информациите од обвинителството, оружјето било вешто сокриено во фабричкиот простор меѓу лимот и тапацирот на автомобилот. Со проверка на сериските броеви било утврдено дека станува збор за службеното оружје украдено од ЈП „Паркови и зеленило“ и регистрирано како оружје на обезбедувањето на претпријатието.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, кој се товари за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, согласно член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Македонски