Македонија вечерва против Данска го отвора настапот на Европското ракометно првенство
Македонската машка ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот во Хернинг го игра својот прв натпревар на Европското првенство, а противник е еден од кодомаќините на турнирот – селекцијата на Данска.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров веќе неколку денови се наоѓаат во Данска, каде што во вторникот го одиграа и последниот контролен натпревар, во кој забележаа победа против данскиот клуб Митјиланд, како дел од завршните подготовки за шампионатот.
Ова ќе биде вторпат македонските ракометари да го започнат настапот на Европско првенство токму во Хернинг против Данска. Првиот ваков дуел се одигра во 2014 година. Вечерашниот натпревар е дел од групата Б, во која претходно, од 18:00 часот, ќе се сретнат селекциите на Португалија и Романија.
Македонија во продолжение од групната фаза во недела од 18:00 часот ќе игра против Португалија, додека во вторник, исто така од 18:00 часот, противник ќе биде Романија.
Пласман во следната фаза од Европското првенство ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации од групата.