ИЈЗ: Над 2.300 заболени од грип за една недела, регистриран и еден смртен случај

9

Во периодот од 5 до 11 јануари, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) евидентирал 2.322 лица заболени од грип и заболувања слични на грип, што претставува значително зголемување во однос на претходните периоди, соопшти денеска епидемиологот Драган Кочински.

Според неговите податоци, бројот на регистрирани случаи е за 36,4 отсто поголем во споредба со неделата претходно, додека во однос на истата недела лани е зголемен за 2,2 пати. Во споредба со повеќегодишниот просек, порастот изнесува 31 процент. Во моментов, државата се наоѓа во фаза на средна активност на вирусот на грип.

„Најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години, како и деца од 0 до 4 години“, изјави Кочински.

Заболени се регистрирани во 25 од вкупно 31 регион во земјата, при што најголем број случаи има во Скопје, Тетово, Куманово и Охрид. Единствено во Берово, Пехчево и Делчево досега нема пријавено ниту еден случај на грип.

Кочински информираше и за еден смртен случај поврзан со грип.

„Станува збор за жена која била хоспитализирана на Инфективната клиника, имала придружни заболувања и не била вакцинирана“, посочи тој.

Од почетокот на сезоната, односно од октомври до 11 јануари, вкупно се регистрирани 6.147 заболени лица, што е за 2,6 пати повеќе во однос на минатата сезона.

Од ИЈЗ апелираат до граѓаните да ги почитуваат општите мерки за заштита: избегнување престој во затворени простории со многу луѓе, редовно проветрување, носење соодветна топла облека и внесување витамини и минерали за зајакнување на имунитетот.

„Лицата со респираторни симптоми треба да останат дома. Децата со симптоми на акутно заболување не треба да се носат во градинка или училиште, а истото важи и за возрасните – да не одат на работа за да не ја шират заразата. Доколку состојбата се влоши, неопходно е да се побара лекарска помош“, нагласи Кочински.

Како најефикасна мерка за превенција, тој ја истакна вакцинацијата, при што досега во земјава се вакцинирани над 79.000 лица.

„Зголемувањето на бројот на заболени е очекувано за овој период од годината. Пикот на грипот се очекува од средината на јануари до средината на февруари. Иако порастот започна нешто порано, засега нема препорака за продолжување на зимскиот распуст, но доколку состојбата се промени, ќе бидат предложени соодветни мерки“, додаде Кочински.

Македонски