Трамп најави 25% царини за земјите што тргуваат со Иран, Кина реагира со остро предупредување

7

Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 отсто за секоја земја што одржува економска соработка со Иран, во услови кога Вашингтон ја разгледува својата стратегија кон Техеран, кој се соочува со најмасовните антивладини протести во последните години, објави „Гардијан“.

„Со моментално дејство, секоја држава што соработува со Исламската Република Иран ќе плаќа царина од 25 проценти за секоја трговска размена со Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Сошл. Според американските правила, овие царини ќе ги поднесуваат увозниците во САД. Иран веќе подолг период е предмет на строги американски санкции.

Трамп нагласи дека одлуката е „конечна и недвосмислена“, без да изнесе дополнителни детали. Најзначајни пазари за иранскиот извоз се Кина, Обединетите Арапски Емирати и Индија. Во моментот нема официјална објава на веб-страницата на Белата куќа, ниту појаснување за правната основа на мерката и дали таа ќе важи за сите трговски партнери на Иран. Белата куќа не одговори на барањата за коментар.

По најавата, Кина остро реагираше, оценувајќи дека се противи на „нелегални еднострани санкции и екстериторијална јурисдикција“, најавувајќи дека ќе преземе мерки за заштита на своите интереси. „Ставот на Кина против произволното воведување царини е јасен и доследен. Трговските и царинските војни немаат победници, а притисоците не се решение“, изјави портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон.

Иран, кој минатата година беше вклучен во 12-дневен конфликт со Израел, а во јуни негови нуклеарни објекти беа цел на американски воздушни напади, моментално се соочува со најсериозни антивладини демонстрации во последниве години. Трамп изјави дека САД би можеле да воспостават директни разговори со ирански претставници и дека е во контакт со иранската опозиција, додека истовремено врши притисок врз раководството во Техеран, вклучувајќи и закани со воена интервенција.

Од иранска страна, властите во Техеран соопштија дека комуникациските канали со Вашингтон остануваат отворени. Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека воените опции се „меѓу многуте што се разгледуваат“, но нагласи дека дипломатијата останува приоритет за американскиот претседател.

Во текот на својот втор мандат, Трамп често користи царини како инструмент на надворешната и трговската политика, особено кон земји што ги смета за блиски до американските геополитички противници. Истовремено, неговата царинска политика е под зголемен правен надзор, бидејќи Врховниот суд на САД разгледува можност за укинување на дел од постојните мерки.

Според податоците на Светската банка, Иран во 2022 година извезувал производи во 147 земји и е членка на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК).

Македонски