СИРИЗА ја осуди цензурата во Лерин: Неприфатлив прекин на настап поради песна на македонски јазик

7

Грчката опозициска партија СИРИЗА остро ја осуди одлуката на градоначалникот на Лерин, Василис Јанакис, да го прекине јавниот настап на музичката група „Банда Ентопика“ поради изведување песна на македонски јазик, оценувајќи ја постапката како неприфатлива цензура.

Во соопштение објавено на социјалните мрежи, од СИРИЗА наведуваат дека реакцијата на градоначалникот, но и на дел од присутните, отвора сериозни прашања за слободата на уметничкото изразување и начинот на кој таа се третира, особено кога ограничувањата доаѓаат од лица на позиции на моќ, дури и во рамки на локалната самоуправа.

„Нетолерантните испади се неприфатливи и штетни за потребната солидарност меѓу различните луѓе и народи, дури и кога станува збор за музички настап на бенд кој е познат по изведби на грчки, македонски, бугарски, турски, српски и ромски јазик“, се наведува во реакцијата на партијата.

СИРИЗА посочува дека бендот бил принуден јавно да појасни оти нивниот настап не бил платен од страна на градоначалникот, како одговор на неговите изјави дека „јас плаќам“ и дека „такви песни не би се пееле во мојот град“.

Во соопштението, СИРИЗА–ПС нагласува дека ниту еден обид за цензура не смее да најде оправдување или поддршка и дека ваквите појави не треба да бидат толерирани во едно демократско општество.

Да потсетиме, пред неколку дена за време на предбожиќна прослава во Лерин (Флорина), при музички настап на македонската народна песна „Софка на татко“ настапот бил прекинат по интервенција на градоначалникот Василеос Гианакис. На музичкиот бенд „Банда Ендопика“ му било кажано дека не смее да пее на македонски јазик и дека песната може да се изведе исклучиво во инструментална форма.

Македонски