Собранието денеска ќе избира нови министри за европски прашања и животна средина

8

Собранието денеска ќе ја одржи 75. седница, на чиј дневен ред е и изборот на новите министри за европски прашања и за животна средина и просторно планирање.

Како прва точка на дневниот ред е Предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен пратеникот и поранешен министер за здравство Беким Сали.

Изборот на новите членови на Владата доаѓа по локалните избори одржани во октомври, откако Изет Меџити стапи на функцијата градоначалник на Општина Чаир. Меџити претходно ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

За нов министер за животна средина и просторно планирање, Владата го предложи поранешниот владин портпарол Муамет Хоџа.

Закони, именувања и финансиски прашања

На дневен ред се и:

  • Предлогот за именување на неизвршен член на Народната банка на Република Северна Македонија;

  • Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови од Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА);

  • Предлог-законот за задолжување на државата со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на РСМ – Транспорт АД Скопје, по скратена постапка;

  • Предлог-законот за изменување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, по скратена постапка;

  • Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ), исто така по скратена постапка.

Годишни програми и фискална стратегија

Пред пратениците се и неколку предлог-одлуки за одобрување на годишни програми, меѓу кои:

  • Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2026 година;

  • Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2026 година;

  • Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.

Македонски